Искрен, оригинален и фантастичен уметник.
Со отворени сетила за сите бои на виножитото наречено живот.
Вешт, жеден и ненаситен за сите форми на уметноста.
Активен слушател и верен следбеник на сопствениот инстинкт.
Со реакција на љубов во акција креира опиплива имагинација.
Интервју со Дејан Џолев - основачот на „Џолев и уметностите“.
Читајте до крај.
Што претставува за Вас зборот уметност ?
Поимот „уметност“ постојано се менува и надополнува. Но, суштински кон прашањето сѐ уште не знам да си одговорам ни пред себе. Најверојатно причината поради која се будам и причината поради која еден ден ќе заспијам.
Како би се опишале себе си како личност, преку една слика ?
Дело во процес, мегаломански формат! Сите бои на дрскоста и сите текстури за допир на совршеното. Драматично светло. Комбинирани техники во повеќе слоеви. Тешко разбирлива, често неподнослива, но понекогаш за некој возвишена. Слика којашто се стреми кон ремек дело, со ризик од спротивноста.
Што имате да им понудите на младите луѓе кои сакаат да ја искажат својата креативност?
Никогаш да не се сомневаат во своите квалитети. Никогаш да не ја потценат болката од љубовта. Понекогаш да им веруваат на своите професори. Секогаш да го следат инстинктот. Некогаш да дојдат на кафе во „Џолев и уметностите“!
Како дојдовте до идеја да креирате нешто како „Џолев и уметностите“ ?
Јас бев ужасно несреќен ученик во моето основно и средно образование. Си ветив дека еден ден кога ќе пораснам ќе создадам училиште каде што луѓето ќе бидат среќни и продуктивни за време на наставата. По дипломирањето бев креативна проститутка, каде што неколку години заработував работејќи во маркетинг и адвертајзинг агенции, сѐ до она утро кога решив да се разбудам! Дадов отказ од работа, се запишав повторно на факултет и се самовработив за време на викенд. На почетокот тоа беше само курс по фотографија, но набргу природно еволуираа уште десетина програми од областа на уметноста, дизајнот и науките блиски на уметноста.
Знаеме дека „Џолев и уметностите“ нуди поголем избор на курсеви како што е фотографија, филм, сликарство, вајарство , и слично, но која е Вашата прва љубов од уметноста?
Највозишените, најпрефинетите, најуметничките и најсекси уметности: сликарство, музика, поезија.
Што е потребно за една фотографија да Ве воодушеви ?
Фотографијата скоро никогаш не ме воодушевува! Ме воодушевува начинот на нејзиното создавање и само толку. Мисловниот, т.е. идејниот процес. Потоа доаѓа досадниот дел
, и уште подосадниот кога треба да се зборува за тоа.
Дали младите се доволно мотивирани за да се заминаваат со било каков вид на уметност?
Мотивацијата е секогаш присутна во искреното творештво. Мислам на оној импресионистички миг и порив за креација. Младите, во кој и јас се вклучувам, најчесто идеите ги кастрираме во чинот на реализација, поради зависност од факторите кои нема да ги спомнам од инат.
Кое е Вашето мото, кое Ви го придвижува светот околу Вас ?
Љубов. ЉУБОВ. љУБоВ! ЉубОВ... љубов. ЉУбов? Љубов!
Кога зборуваме за инспирација, која е првата работа што Ви паѓа на ум ?
Секое рано утро и секоја доцна ноќ е инспирација. Секое годишно време
, и секоја временска појава е инспирација. Сите бои, сите мириси, сите форми се инспирација. Сите спомени и сите желби се исто така инспирација. Инспирација е способност од најтемната ноќ да создадеш виножито или да кренеш полна месечина за време на летно пладне, но само еден глас и едно лице за тоа се инспирација.
Како би можела уметноста да се поклопи со претприемништвото ?
Секој ден се борам со ова прашање! Јас сум човек кој веќе шеста година егзистира од уметничко образование. Но, секој ден повторувам и една максима: „Уметноста не смее да стане популарна, туку публиката уметничка“. Но, катаден повторувам и една друга: „Што ми требаше ова, дај да одам некаде на нива компири да садам“!
Кој е најчестиот совет кој што им го давате на младите ?
Никогаш да не остарат!!!
На кој начин ги бирате предавачите на Вашите курсеви ?
Секогаш помислувам на најдобрите, на моите идоли од моето образование, на сите оние професионалци на кои им се восхитувам на жарот и естетиката во нив, на нивната младост во умот и љубов во срцето. Кога ќе дојдам до таков веднаш го контактирам, а потоа пиеме кафе.
Дали уметноста е дарба ?
На ова прашање ќе одговорам двапати.
1. Апсолудно НЕ! Секој човек е способен да се бави со уметност и искрено препорачувам.
2. Апсолудно ДА! Не секој човек е способен да создаде ремек дело.