„Со позитивното размислување можете неуспехот да го претворите во успех“ - Ивана Трендафилова, сопственичка на „Ателје Ивана“

Интервју со сопственичката на „Ателје Ивана“- прогласениот најдобар најмлад бизнис за 2016 година
Ивана Трендафилова со ентузијазам раскажува за предизвиците во бизнисот, за изворот на сопствената мотивација како и за бенефитот на клиентите.

Во продолжение, прочитајте го целото интервју!
 
 
1.Како започна приказната за „Ателје Ивана” ?
Живеејќи го сопственото секојдневие, постојано сакав да работам нешто што ми овозможуваше едно чувство на креативност, задоволство и радост кога ќе ја завршев работата. Мојот младешки дух постојано ми носеше идеи што следно би правела и секогаш моето слободно време го користев да создадам нешто. Мојот лајт мотив во започнувањето на мојов бизнис беше дека моја цел ќе биде да ги направам моите клиенти среќни. Водејќи се од мојата желба мојата визија ја насочив кон изнудување на насмевки на детските лица, и започнав со изработка на „хартени торти“ украсени со нивните омилени јунаци од цртаните. Овие „хартиени торти“ беа дел од одбележувањето на нивниот роденден. Потоа од изработката на овие торти дојдов на идеја да ги украсувам и нивните роденденски забави. Ова веќе беше едно поголемо наговестување на „Ателје Ивана“.



2.За ваков тип на бизнис е потребна голема доза на креативност. Од каде ја црпите Вашата?
Мојата креативност ја црпам од се што ме опкружува, од настанот којшто го организирам (доколку е тематски) итн. Понекогаш креативноста и инспирацијата ми се поттикнати и од самите клиенти бидејќи мојата работа е поврзана и со што поконкретно реализирање на нивните желби.

3.Како релативно нов бизнис, која е првата пречка со која што се сретнавте на пазарот ?
Започнувањето нов бизнис претставува и највозбудливиот дел од работењето, проткаено со голем број нови непознати случувања. Проблем претставува опстанокот на претпријатието на пазарот, како и неговиот раст. Јас лично се немам соочено со некои големи пречки, бидејќи формирањето фирма е олеснето во голема мера како и почетните средства за бизнисот за набавка на стока не се многу високи така што не би можела да издвојам некоја пречка со која се соочив.
 
4. Кој е најголемиот бенефит за корисниците на Вашите услуги?
Најголемиот бенефит за моите клиенти е секако мојата успешно завршена работа и организирање на настан каков што замислиле. Доколку станува збор за некој производ нивниот бенефит е квалитетот на производот којшто го нудиме и за кој гарантираме.



5.Колку македонскиот народ има навика да ангажира екстерни лица за организација и декорации на своите прослави?
Можам слободно да кажам дека во последно време нашиот народ сака да има убаво организирана свадбена веселба, роденден, крштевка – моменти од секојдневниот живот кои долго се паметат. Ова е случај кај помладата популација но секако и повозрасните знаат да ги изненадуваат помладите. Ангажирањето на лица за организација и декорација на прослави како што е „Ателје Ивана“ им нуди поголем професионализам во организирањето но и секако им овозможува на самите клиенти да уживаат во тој ден знаејќи дека се’ е под контрола од страна на нашиот стручен тим.



6.Потрошувачите секогаш бараат нешто ново. Што можете да понудите како новитет на “Ателје Ивана” ?
Нашата понуда често е тесно поврзана со најновите трендови. Така што се што е ново и модерно ние им го нудиме на нашите клиенти. Исто така секогаш понудата е поврзана со одредени празници како што е сега и меѓународниот ден на жената 8 –ми март за којшто нудиме слатки изненадувања како подароци за понежниот пол. Наш новитет се и организирања на свадби на отворено со различен вид на цвеќе и цветни аранжмани. А за родендените и крштевките и секаков друг тип на свечености постојано одговараме на барањата на клиентите нудејќи им најмодерни идеи за декорации.


 
7.Вие во 2016 добивте награда за најдобар “Најмлад бизнис”, кои се Вашите впечатоци ?
Впечатоците ми беа многу позитивни бидејќи тоа е првата награда што ја добив во првата година од постоењето на ,,Ателје Ивана" што за мене претставува уште еден поттик плус да продолжам да работам и да се вложувам максимално во ова што го работам. Истата вечер кога ја примив наградата за "Најмлад бизнис" се стекнав со многу нови пријателства од луѓе успешни во своите професии и нивните приказни за успешен бизнис ме охрабруваат во совладуваењето на сите идни предизвици.

8.Што Ве прави поразлични од другите ?
Она што не прави поразлични од другите е уникатноста којашто ја има при организирањето на свеченостите, секоја декорација ни е уникатна сама по себе,  квалитетните материјали со коишто работиме и секако одговорноста за навремено завршена работа.
 
9.Како ги наградувате вработените за добро извршената работа ?
Ова е омилениот дел на „Aтелје Ивана“ бидејќи честопати знаеме по добро завршена работа приватно да се подружиме со моите соработници и секако секој од нив добива награда која може да е изненадување или пак парична.

10.Кои се Вашите идни планови за надоградување на бизнисот ?
Моите идни планови се состојат од проширување на тимот, уште попосветено работење и овозможување на целосна организација и декорација со тим за осветлување.

11. Со која афирмација секојдневно се мотивирате себеси ?
„Со позитивното размислување можете неуспехот да го претворите во успех“ е една од афирмациите која секојдневно ме мотивира во она што го работам.

 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови