“Најдете ги слабостите на конкурентите и обидете се да ги немате во вашиот бизнис„

Центарот за јазично образование Бронко е основан во 2002 година. Оваа година, школото го славеше десеттиот роденден, и е одличен повод да поразговараме со Боби Петрушев, еден од сопствениците на Бронко. Во продолжение е интервјуто.
 

Претприемач: Од кога постои и како настана БРОНКО?

Петрушев: Центарот за јазично образование Bronco е основан во 2002 година како заедничка идеја на двајца млади перспективни професори, кои истовремено се брат и сестра. 

Претприемач: Што ве инспирараше да отворите сопствено училиште за јазици?

Петрушев: Како професор по англиски јазик, дел од своето образование го завршив во странство (САД), а исто така и сестра ми која е професорка по германски јазик и магистар по италијански јазик (Италија и Германија). Нашите едукативни искуства стекнати во странство сакавме да ги пренесеме на учениците во Македонија на свој уникатен начин.  Имавме доста искуства со училишта за странски јазици во Македонија, во кои и самите бевме ученици, каде предавањата беа застарени, механички и некреативни.  Идејата беше да основаме образовен центар кој е различен од сите останати во Македонија и кој наликува на она што ние го имавме искусено во странство.  Центар кој нуди врвен квалитет во наставата преку современо, активно и креативно образование.  Центар каде на прво место ќе бидат навистина учениците, каде на секој ученик ќе му се посвети индивидуално внимание за неговите потреби и приоритети, каде професорите ќе бидат пријатели со учениците и каде учењето веќе нема да биде макотрпна работа, туку едноставно забава.  Центар каде групите нема да надминуваат повеќе од 10 ученика, центар кој ќе биде опремен по најсовремени стандарди.  Едноставно сонот беше да отвориме центар за јазици кој повеќе наликува на место за забава и дружење, со пријателска и релаксирана атмосфера каде ќе се чуствува изолираност од секојдневниот живот исполнет со динамика, тензија и проблеми.  Сакавме да избегаме од секојдневното и од наметнатото, сакавме да ги прошириме хоризонтите и да отвориме една поинаква димензија. 

Претприемач: Каков беше почетокот и дали имавте некои потешкотии на самиот старт?

Петрушев: Секој почеток велат дека е тежок.  Конкуренцијата беше голема, но сепак Bronco нудеше нешто поразлично.  Ги знаевме кои беа слабостите на другите училишта за странски јазици.  Бевме полни со ентузијазам и позитивна енергија која учениците можеа да ја почуствуваат и да ја пренесат и на други, па така набрзо кругот се прошири. 

Претприемач: Која е главната цел и таргет група на Вашето училиште?

Петрушев: Главната цел е секако квалитетно неформално образование.  Би го нагласил тоа неформално, затоа што навистина атмосферата во нашиот центар е далеку од онаа формална атмосфера на која повеќето луѓе се навикнати кога станува збор за образование. 

Што се однесува до таргет група, не постои таква.  Сите оние кои сакаат да научат нов јазик или пак сакаат да го подобрат/освежат јазикот кој веќе некогаш го учеле се таргет група, без разлика на возраста и потребите.  Сме имале ученици од 3 до 73 години.  Ученици кои го учеле јазикот за подобра перспектива во кариерата, а и ученици кои едноставно учеле јазик од љубов.  Предучилишна возраст, основци, средношколци, студенти, вработени и невработени, државни институции, приватни фирми и невладини организации.   

Претприемач: Дали сте задоволни од растот на училиштето?

Петрушев: Да, секако.  Но, уште на почетокот знаевме дека сакаме да се сконцентрираме и да се посветиме максимално на она што сакаме да го работиме – одржување часови по странски јазици.  Не сакавме да направиме ланец на уште едно неквалитетно училиште за странски јазици и да бидеме само сопственици за кои други луѓе ќе ја вршат работата.  Сакавме да дадеме предност на квалитетот, а не на квантитетот.  И покрај растот на бројот на ученици и професори во нашиот центар, ние сепак не делуваме од позадина.  Ние сеуште го работиме тоа што навистина го сакаме и сме дирекно инволвирани во предавањата со нашите ученици. 

Претприемач: На што се должи досегашниот успех на училиштето?

Петрушев:Пред сè, на професионалноста, посветеноста и љубовта кон она што го работиме и секако на вложениот труд.  Денес е навистина привилегија човек да ја работи работата што ја сака, а тоа го прави неуморен и навистина посветен.  Сето тоа допринесе и за успешната соработка со голем број владини институции во државава, а исто така и со голем број компании и странски невладини организации. 

Претприемач: Што е според Вас вашата конкурентска предност?

Петрушев:Уште на почетокот наведов кои беа слабостите на конкурентите кои дирекно нè натераа да отвориме сопствен образовен центар. Како најголема предност во однос на конкурентите би можел да го наведам уникатниот и иновативен пристап во наставата.  Тоа се и најчесто коментарите кои доаѓаат од нашите ученици кои имале претходни искуства со други училишта. 

Претприемач: Каков совет би им дале на оние кои сакаат да отворат сопствен бизнис?

Петрушев: Па кога станува збор за сопствен бизнис, многу луѓе сонуваат да најдат нешто што го нема на пазарот и да бидат први во тоа.  Тоа е добра идеја, но сепак за такво нешто денес остануваат многу малку опции. Затоа, мојот совет би бил – насочете се на она што навистина сакате да го работите, на она што ве исполнува.  Без разлика дали на тоа поле веќе постојат голем број конкуренти, тоа не треба да биде фактор кој би ве одвратил.  Најдете ги слабостите на конкурентите и обидете се да ги немате во вашиот бизнис.  Тоа секако ќе ве направи поуспешни од нив.

 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови