“Идните млади претприемачи треба да бидат отворени кон сите можни идеи!“

Интервју: Спортпорт (Билјана Кироска, Маја Балшиќевска, Милена Петровска, Ели Цветкова)

 

1.Што сé опфаќа вашата дејност и од кога постоите, од колку луѓе е составен вашиот тим и кој се вашите конкуренти?

Sportport.mk е млад сајт. На идејата почна да се работи од почетокот на јуни и кон средината веќе се решивме да го пуштиме сајтот во употреба.Нашата дејност опфаќа можност за рекламирање на стара спортска опрема, а воедно и забавување на нашите посетители преку постирање интересни текстови на дневна база. Во тимот, сега за сега, сме само ние четирите сопственички од кои секоја си има своја посебна улога во однос на сајтот.Во однос на конкуренцијата, на нашиот простор нема сајт како нашиот кој е специјализиран за објавување на спортска опрема, така што не ги гледаме како конкуренција веќе добро познатите онлајн огласувачи.        

2. Како се решивте да почнете да се занимавате со овој бизнис, што Ве мотивира?

Па забележавме дека кај нас не постоеше специјализиран сајт за огласување спортска опрема и сметавме дека би било корисно да постои такво нешто.

3. Каде се гледате во наредните 5 години?

Искрено се надеваме дека за пет години кога некој ќе има вишок спортска опрема, или желба да дознае нешто повеќе од областа на спортот, првата мисла што ќе му дојде ќе биде токму нашиот сајт sportport.mk. Додатно, на ум имаме уште некои проекти кои сакаме да ги започнеме, па би можеле да бидеме сопственици на повеќе успешни веб сајтови.

4. Кој е вашиот омилен спорт? 

Сите четири сме љубители на велосипедизмот, но, исто така, ја сакаме кошарката и често се собираме на по некоја партија баскет заедно со останатите пријателки.

5. Која е цената за луѓето да ги огласуваат работите на вашиот портал? 

Цена нема, поставувањето е бесплатно и тоа така ќе остане. Во иднина ќе ја воведеме опцијата за препорачани објави, каде со доплаќање членот ќе се осигура дека неговата објава постојано ќе биде на првата страница од нашиот сајт. Но, токму можноста за бесплатно објавување е тоа што го прави овој сајт корисен и практичен и тоа нема да се промени.

6. Која е возрасната граница на луѓето што ги користат вашите услуги?

Возрасна граница нема. Да објави и да купи може секој што има што да објави или има желба да се поднови со некоја спортска справа. Секако, тука се и нашите текстови кои, исто така, содржат интересни работи за речиси секоја возраст.

7. Дали имате некаква соработка со луѓето од спортската медицина?

За жал немаме. Сега за сега сме соработувале само со неколку спортисти кои се согласија да дадат интервју за нашиот сајт. Секако, во иднина ќе се обидеме да стапиме контакт со специјалисти на оваа област кои би сакале да ги споделат своите знаења и совети со нашите читатели.

8. Ќе може ли да ни кажете кој беше првиот продаден производ преку овој сајт?

Бидејќи не сите членови ги означуваат своите артикли за продадени, оној што беше прв означен не мора да значи и дека бил прв продаден. Но, во секој случај, тоа беше бенч клупа со тегови за која имаше доста интерес уште од самиот старт.

9. Што би им препорачале на идните млади претприемачи?

Би им препорачале да размислуваат постојано и да размислуваат така што ќе бидат отворени кон сите можни идеи. Да видат што лично ним им недостига и да се обидат тоа да го создатат. Не мора да значи дека секој проект ќе им биде успешен, ама ќе знаат дека се обиделе и ќе знаат каде им биле грешките.

Интервјуто го подготви: Весна Стојановска- надворешен соработник на ПСМ фондација

 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови