“Младите девојки да ја преточат сета женствена инспирација која постои во нив во професионална одлучна и достоинствена презентација „

 Би-МЕК ДОО е центар за медицинска опрема е фирма специјализирана за дистрибуција и сервисирање на медицинска апаратура која активно работи десет години на територијата  на Република Македонија со свој продажен и сервисен центар. Би-МЕК, кој е ексклузивен застапник на Cryo-Save за Македонија, располага со комплетен асортиман на медицинска  апаратура од областа  на дијагностика, болничко лекување и згрижување и специфична  апаратура за барањата на многу поедини специјалности.

Прочитајте го интервјуто со директорот на Би-МЕК, Тања Евросимовска.

 

Како започнува Вашата приказна во Би-Мек и CryoSave?

Случајно почнав да работам во овој сектор. Економисти, односно економски менаџери се потребни во секоја компанија, јавна установа и сл. Потоа магистрирав финансии што дополнително ми помогна во секојдневните кризни ситуации кои ги има во моментов, а се однесуваат на одржување на бизнисот и подобрување на истиот. Ми се допаѓа хуманата нота  во овој сектор, а ме инспирира предизвикот кој што македонското општество го има пред себе за подобрување на здравствениот систем и здравјето пред се. Всушност овој предизвик ме задржа повеќе од 10 години во секторов.

Кои се работите кои најмногу ги сакате, а се поврзани со вашата работна позиција?

Динамичноста во работењето и неизвесноста, односно потребата за постојана подготвеност на промени долго време ми беа најголемите двигатели во работењето. Тоа се сигурно најинтересните предизвици со кои се среќава секој претприемач додека ја гради компанијата.  Денес можам да кажам дека најмногу ме инспирираат можностите за стратешко планирање на активностите на фирмата, како на пример донесување на одлуки за инвестиции и диверзификација на ризикот на работењето, посебно кога работиме во време на нестабилни економски услови.

Кои особини според Вас треба да ги поседува една жена лидер?

Пред се, би кажала најбитната карактеристика на еден човек лидер, без разлика дали е маж или жена, е да има способност да ја види големата слика, но истовремено да остане активен и во секојдневието на компанијата или институцијата во која работи.

Значи од една страна, лидерот треба да бара нови пазари, излези, стратегии, да биде инспириран од она што го работи, мудро да ги насочува ресурсите кон нови профитабилни бизниси или ефективно да инвестира во постоечките, односно да има визија за компанијата или институцијата. Но од друга страна тој/таа треба да биде способен да направи одлична организација на човечките ресурси, да биде успешен менаџер, да знае да ги вреднува клиентите, вработените, добавувачите, да направи систем на нивно стимулирање, односно будно да надгледува и контролира што се случува внатре во организацијата.

Која е најважната работа која ја барате и очекувате од вашите колеги и вработени?

Посветеност во работењето. Способност за тимска работа, но и амбиции за индивидуално постигнување. Ентузијазам во работењето. Чесност. Почитување на работењето на другите. Способност за работење на повеќе проекти одеднаш.

Верувате ли дека во Македонија се уште постојат предрасуди дека жените не се толку способни да водат бизнис како мажите?

Многу пати сум разговарала на оваа тема со менаџери или бизнисмени од посилниот пол. И иако истите ме уверувале дека ние жените ги имаме сите права, сепак се уште верувам дека истите тие имаат предрасуди кон нас жените кога станува збор за водење бизнис. Искуството со текот на годините сепак ми докажало дека секоја жена треба да го помине тој прв праг во комуникацијата со мажи бизнисмени, одлучно и подготвено да преговара со другата страна и најпрофесионално да постапи во однос на своите одговорности и задолженија. Откако неколку пати ќе докаже дека е способна да го направи она што го ветила, стратешки брзо да донесува одлуки и истите да ги спроведува, во понатамошната релација со истите мажи бизнисмени предрасудите ќе бидат надминати. 

Каква е вашата визија за понатамошното развивање на Би-Мек и CryoSave во Македонија?

Горда сум на успехот кој што Би-Мек и  Cryo-Save во Македонија го постигнаа во последните неколку години. Визијата останува иста, односно и понатаму ќе се стремиме да застапуваме квалитетни светски препознатливи брендови во  во Македонија, за да постигнеме максимално задоволство кај клиентите, континуирано ќе се прошируваме и во двата оддела со зголемување на рангот на услугите и ќе инвестираме во своите кадри за правилно претставување на пазарот.  Секако целта ќе биде сите наши клиенти благовремено да дознаат за нашата понуда, како на пример сите родители кои се очекување на принова без разлика каде живеат во Македонија да бидат навреме информирани за услугите на Цруо-саве за да донесат благовремена правилна одлука за зачувавње на матичните клетки од папочна врвца на своето новородено.

Кој е советот кој би им го дале на сите млади девојки кои сонуваат или се обидуваат да бидат лидери во бизнис сферите кои ги одбрале?

Да ја преточат сета таа женствена инспирација која постои длабоко во нив во професионална одлучна и достоинствена презентација на самата себе и компанијата. Да се борат за тоа што сакаат да го постигнат преку создавање на успешен тим и да ја следат својата визија.

 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови