Македонците се повеќе покажуваат свест за малиот украс кој покажува време

Во ова интервју Претприемач.мк ви го претставува младиот менаџер на добро познатите продавници за часовници Мy Time, Драган Салџиев.


Претприемач: Како започнува вашата претприемачка приказна?

Нашата фамилијарна приказна започнува прилично скромно. Мојот прадедо Стефан прв во нашето семејство го изучил часовничарскиот занает и иако роден во Велес, се преселил во Струмица трагајќи по своето место под сонцето. Таму е роден Драган, мојот дедо, кој по стапките на својот татко отвора занаетчиски дуќан во старата скопска чаршија. Мојот татко Стевислав (Стево), го преструктуира бизнисот од сервис на часовници во трговија. Тој отвора продавници во Градскиот Трговски Центар, Рамстор Мол и Скопје Сити Мол.

Јас во полна пареа се вклучив во бизнисот од 2011 година. Претпоставувам дека јас како четврта генерација во овој бизнис чувствувам одговорност да ја негувам традицијата од која потекнувам, а секако и да ја надградам. За жал или среќа, моето познавање од сервисирање на часовниците е многу мало и како дипломиран Економист се фокусирам само на бизнис аспектите, а сервисирањето го доживувам само како пост-продажна услуга.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како млад претприемач?

Како млад претприемач и менаџер на Мy time секојдневно се соочувам со разни предизвици во работењето, но на сето тоа гледам како искуство и можност за учење.  Уживам да стекнувам дополнително знаење кое сигурно во иднина ќе ми помогне поедноставно и поквалитетно да носам одлуки и да се соочувам со секоја новонастаната ситуација.

Дали луѓето  во Македонија се запознаени со предностите од поседувањето на квалитетен часовник?

Македонците се повеќе покажуваат свест за малиот украс кој покажува време. Ги отвораат своите видици кон звучните светски имиња и разбираат што значи брендот и како тој го отсликува и дополнува карактерот на човекот кој го носи. 

Кои се вашите идни планови за развој на бизнисот?

Горд сум да кажам дека откако сум јас во компанијата, Watch ID ја прошири својата малопродажна мрежа со уште две локации во Скопје под името My:time, како и нашата големопродажна мрежа со близу 30 партнери од сите делови на Македонија. Тука е и нашето портфолио во кое ќе најдете звучни светски брендови како: Guess, Just Cavalli, Sector no limits, Esprit, Jacques Lemans, Cerruti 1881 како и Casio со своите подбрендови Edifice, G-Shock, ProTrek и Baby-G.

Како My Time се грижи за своите потрошувачи?

За Мy Time потрошувачите се секогаш на прво место. Пред се, се грижиме во Македонија на македонските љубители на добри часовници да им ги обезбедиме најновите модели од голем број на светски брендови. За нив подготвуваме и специјални промоции, во изминатите два месеци се одржаа промоции на Денот на виното и љубовта и Денот на жената. На социјалните медиуми постојано ги анимираме верните следбеници на My time со посебни апликации преку кои имаат и можност да дојдат до совршен подарок.

Кој совет би им го дале на сите млади кои размислуваат да започнат сопствен бизнис?

Бизнис планот никогаш не се реализира во целост, но тоа не значи дека треба да  дозволите да ве обесхрабри во вашите идни подвизи.

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови