"Универзален клуч за успех нема, но добро синхронизираниот тим на мотивирани млади луѓе е патот што не води кон успехот"

1. Доколку може најпрво да ни се претставите, што е Brand Union?

Brand Union е маркетинг агенција специјализирана за дигитален маркетинг, поточно интегрирано онлајн претставување на брендови, компании или институции преку динамична и постојана интеракција со нивните потрошувачи и потенцијални клиенти.

Brand Union е најголема агенција од овој тип во Македонија и една од најголемите во регионот, гледано и по број на клиенти и по број на вработени и ресурси кои ги има на располагање.

Наши клиенти се локални и интернационални компании и брендови кои ги следат новите трендови и активно го користат интернет маркетингот како неопходен дел од целокупните маркетинг активности, а пред сѐ имаат сериозен пристап кон маркетингот на социјалните медиуми.

За нашите клиенти Интернет маркетингот повеќе не е алтернативна алатка, туку неопходност и е составен дел од маркетинг миксот, заедно со традиционалните маркетинг алатки.

2. Кaко започна приказната?

Како и секоја убава приказна со многу позитивна енергија и со верба во концептот и идејата.

Под една компанија се формираше тим од маркетинг професионалци, кои секојдневно следат, читаат, учат за новитетите во маркетинг светот и истите ги користат со цел клиентите да ја добијат најдобрата услуга за нивниот бренд без разлика од која индустрија доаѓаат.

Поради нашата лична потреба да се развиваме и усовршуваме во таа насока, како и потребите на пазарот и компаниите, започнувањето на маркетинг агенцијата која ќе биде специјализирана само за дигитален маркетинг беше многу природна и логична.

Започнавме скромно, но со јасна цел што сакаме да постигнеме и големи амбиции кои чекор по чекор ги остваруваме.

3. Со кои најголеми проблеми се соочивте на почетокот?

Можеби е клише, но навистина не сме се соочиле со проблеми, туку со предизвици. Најголемиот предизвик беше, но и се уште е, да успееме да го доближиме интернет маркетингот до компаниите, а со тоа да им го пренесеме потенцијалот и придобивките од користењето на овие алатки како неопходен дел од бизнисот и секојдневното работење. Со други зборови покрај тоа што го освојуваме пазарот истовремено го градиме и едуцираме.

Исто така, предизвик е компаниите да прифатат дека во денешно време маркетингот преку традиционалните алатки веќе не е доволен и дека транспарентниот начин на комуникација е единствениот начин да се допре до јавноста.

4. На кој начин Воведувате иновација во Вашиот бизнис?

Следејќи ги трендовите и динамиката која што ја наметнува нашата основна дејност иновациите се секојдневни активности во нашето работење. Воведувањето на новите технологии и имплементацијата на најновите трендови се неопходен дел од нашето работење и усовршувањето на секој член на нашиот тим.

5. Која е Вашата предност пред конкурентите на пазарот?

Најголема предност се воспоставените процеси и систем во работата, но сепак лично мислам дека предност ни е и добро синхронизираниот тим на мотивирани млади луѓе.

Проактивноста во давањето на нашите услуги ни овозможува да воспоставиме партнерски однос со нашите клиенти кое резултира со взаемно задоволство и проширување на соработката.

Компаниите сакаат да соработуваат со професионалци кои можат да го испорачаат ветеното. Тоа е нашата предност.

6. Кој е Вашиот пристап за создавање на база на задоволни клиенти?

Отвореност и искреност. Нашите клиенти се всушност наши партнери. Креирањето на функционални тимови во кои активно се вклучени и професионалци од страна на клиентот е основа да можеме да учиме за бизнисот и заеднички да го развиваме. Познавањето на спецификите на бизнисот на клиентот во комбинација со нашите познавања на Интернет маркетингот ни овозможуваат да придонесеме кон креирањето и промовирањето на брендовите.   

7. Како е да се работи со познатите брендови во Македонија?

Ние не ги делиме брендовите на познати и непознати. Тоа се само брендови во различен стадиум на развој. Оние што ги класифицирате како познати, тие се веќе позиционирани на пазарот и се во сопственост на компании со изграден идентитет. За ваквите брендови е полесно да се работи бидејќи тие знаат што сакаат од нас и каде сакаат да им се движи брендот. Така полесно се интегрираме во целосниот комуникациски микс на компаниите.

Брендовите што се од помали компании и кои се во борба за позиција на пазарот се поинересни за работа, бидејќи за нив се развиваат комуникациски стратегии, се креираат атрибути и асоцијации, слогани и идентитети и се пласираат во големиот океан наречен интернет пазар кој нуди огромни можности и претставува инвестиција во развојот на бинисот.

8. На што сте најмногу горди во Вашата досегашна кариера?

Најмногу сум горд на креирањето на тим кој може да одговори на сите предизвици кои ги носи овој тип на работа, кој може да го следи развојот на компанијата и несебично да допринесува во истиот.

Искуството кое овој тим секојдневно го гради е најголемата вредност која нашата компанија ја има.

9. Што е според вас клучот на успехот и каков совет би им дале на оние кои сега започнуваат со свој бизнис?

Универзален клуч за успех нема. Сепак, има одредени насоки и правила кои ние сме си ги поставиле и секојдневно ги почитуваме. Од самиот почеток внимаваме на поставеноста на структурата на агенцијата, го почитуваме тимот и обрнуваме внимание на внатрешната комуникација.

Клиентите ги почитуваме на ниво на наши партнери во нашата успешна приказна. Учиме за нивниот бизнис и го користиме своето знаење со цел постигнување подобри резултати за нив. Успехот на клиентот го сметаме за наш успех.

Со сите соработници работиме на фер и искрен начин.

И на крајот, веруваме дека секогаш постои можност да се постигне повеќе.

Мој совет е да се биде упорен и да се најде начин како полесно да се надминат предизвиците со кои секојдневно ќе се соочуваат и на нив да гледаат како искуство и инвестиција во иднината наместо како проблеми.
                                                                                                                                                                                                  
                                                                                                                                                                                                   Радован Антиќ

Генерален директор

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови