„Искрената и отворена комуникација со купувачите никогаш нема да излезе од мода“ – Инвервју со Никола Бојков, дел од тимот на IM.MK

1. Како започна вашата приказна?

Нашата приказна започна со голема желба, ентузијазам  и поддршка од најблиските за сопствен сон и контрола на сопствената иднина.

Почетоците се во 2009 година како тим од 3-ца ентузијасти подготвени да креираат нов и иновативен маркетинг процес. Без некој конкретен фокус, но сепак конкретен домен, Интернет маркетинг и веб развој  - “полуфокус”  кој сепак со тек на време стана појасен, поконкретен и за 1 година целосно се издиференцира и ни помогна да одлучиме во која насока да продолжиме. Па така, со помош на првите поголеми клиенти Студио Модерна и McDonald’s и нивната проактивна желба да имплементираат нови маркетинг активности, успеавме да се пронајдеме како дигитална маркетинг агенција со фокус кон развој на Facebook апликации и Facebook маркетинг.

Фокусот кон резултати и квалитетни кампањи не остана незабележан, па така најпрво при крајот на 2011 станавме дел од 100-тина компании на светско ниво со пристап до Facebook ads API, за да во Април 2012 станеме дел од Facebook Preferred Marketing Developer програмата.

Facebook Preferred Marketing програмата се состои од околу 260 компании од 45 земји од цел свет и ги вклучува светски познатите Salesforce и Adobe. 

Посебно сме горди што успеавме да ја претставиме Македонија во оваа листа од 45 земји, и да покажеме дека се е можно кога веруваш и си посветен на својата цел. 

Денес сме тим од 10 сонувачи, и продолжуваме да одиме напред заедно со сите наши партнери и клиенти.

2. Кој беше најтешкиот дел од започнувањето со работа?

Нема најтежок дел, секој ден е нов предизвик и нова можност. Заборавете се што ви кажуваат и едноставно верувајте во својот тим дека на крајот на денот ќе успеете во она што го правите. Секој нов предизвик прифатете го како можност да отидете уште еден чекор напред и да совладата уште една важна лекција.

3. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во областа на вашето работење?

Најголемиот предизвик е составувањето на тимот и континуираниот раст.

Според мене, добар тим не се состои само од индивидуалци кои се 100% професионалци, имаат големо искуство и знаење, туку пред сè се искрени, фер, забавни, постојано се надоградуваат, учат и едноставно креираат енергија на продуктивност. Па така, со ваков тим секој предизвик станува можност за напредок. Мој совет е да не се брза кон раст на тимот туку многу селективно да се пристапи кон изборот на проактивни индивидуалци, со јасна цел за чекор напред, индивидуалци на кои ќе им овозможите најдобри услови за да ја чувствува вашата компанија како своја своја. Јас сум благодарен на Дени, Мила, Игор, Магдалена, Ивана, Горан, Елена, Кате и Марина за секој нов работен ден, за нивната креативност, тимска работа и посебната грижа во пристапот кон секој проект да биде подобар од претходниот.

4. Забележавме дека ваша специјалност е изработка на Facebook апликации и Facebook рекламирање. Дали македонските компании се заинтересирани за  односно колку посветуваат внимание кон Facebook рекламирање ? Дали досега сте имале успешен Facebook проект и како бил прифатен од фејсбук корисниците ? Дали сметате дека во денешно време најисплатливо е рекламирање по социјалните мрежи?

На сите 3 прашања ДА .

Македонските компании веќе се свесни за предностите од интегрирање на своите маркетинг активности со ‘локациите’ на кои НАЈГОЛЕМИОТ број од своите купувачи поминуваат НАЈМНОГУ време. Во моментот, таа локација е Facebook и нормално дека парите, времето и енергијата најмногу е насочена кон Facebook комуникацијата.

Сме имале многу успешни проекти, најмногу поради работата со проактивни клиенти кои имаат целосен фокус на искрен дијалог со своите купувачи и корисници. Па така, дел од проектите што имаа голема прифатеност се кампањите спроведени за прославата на 20 години Студио Модерна, Отварањето на Skopje City Mall, потрагата по најсоодветен компјутер за Microsoft  и многу други.

Она што најмногу не прави горди е кога успешна кампања најпрво реализирана во Македонија ќе биде адаптирана во многу поголеми пазари од нашиот.

“Најисплатливо” е генерален термин па и мојот генерален одговор е ДА. Во секој случај, секоја компанија мора да знае каде се нејзините купувачи, корисници или клиенти и да инвестира во канал кој е најисплатлив и најефективен за комуникација со својот специфичен таргет.

5. Дали останатите маркетинг агенции почнуваат да ги користат социјалните медиуми за реклама и промоција?

2013 е година кога многу маркетинг агенции веќе интегираа дигитални маркетинг тимови и активности во својата работа. Со задоволство можам да кажам, дека активностите во пракса што нашите агенции ги реализираат се веќе на ниво на сите светски кампањи и се реално успешни приказни кои привлекуваат внимание со својот професионализам и со позитивните резултати.

6. Како го гледате рекламирањето на социјалните медиуми за 5 години од денес?

За 5 години?! Искрено мислам дека никој не се осмелува да замисли што сè може да се промени за 5 години. Ние постојано ги следиме промените посебно на платформата на Facebook и поради огромната брзина со која се развива оваа платформа, можам само да кажам дека иднината на комуникацијата ќе биде во доближување на целосно персонализирана понуда кон индивидуалците, а не големи таргет групи.

Можам само да кажам дека ЗНАМ дека никогаш нема да излезе од мода, искрена и отворена комуникација со купувачите, без разлика на која социјална мрежа или платформа ќе се комуницира по 5 години од сега.

7. Која е ваша најуспешна кампања на социјални медиуми?

Не можам да оценам точно што значи најуспешна кампања, бидејќи за секоја сме имале различни параметри кои специфични клиенти посебно сакале да ги подобрат.

Во секој случај еден од најдобрите параметри за оцена на било која маркетинг кампања е продажбата, вкупно месечни продажби или продажба по одреден производ. Па така, сметам дека една од поусшешните кампањи е кампањата за роденденот на Студио Модерна со одлични ефекти врз зголемување на продажбата на компанијата.

Никола Бојков,
Im.mk

 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови