“Компромис е клучниот збор за создавање на база на задоволни клиенти”

Даниел Брзанов a.k.a Delicon работи со веб дизајн, графички дизајн и веб апликации повеќе од 10 години. Креира веб и графички решенија кои се високо квалитетни, функнционални, уникатни и модерни. Во прилог на интервјуто успеавме да го прашаме како тој започнува со еден процес на дизајнирање, од каде најчесто црпи инспирација и како успева да создаде база на задоволни клиенти.

1.Можете ли да ни кажете малку за вашата позадина - Кој е Даниел Брзанов, кој е патот што ве воведе во дизајнот?

Даниел aka Delicon има 28 години и работи во Студио Модерна како менаџер за интернет маркетинг и дизајн, а по дома си работи како графички и веб дизајнер и веб девелопер повеќе од 10 години. На времето, кога почнав да работам со веб дизајн, страниците беа многу статични и досадни што ме инспирираше да почнам да работам со Macromedia Flash 4, бидејќи Flash-от нудеше повеќе динамичност и анимација. Иако почнав со Flash веќе воопшто не го користам туку сега работам со HTML 5, CSS 3 и JavaScript.

2. Забележивме дека работите под Вашето име, дали сета ваша работа е завршена како фриленсер?

Да

3. Како изгледа процесот на дизајнирање?

Најчесто сè започнува со разгледување на проектот, односно од каква природа е, каква публика таргетира и сл. Потоа следува малку разгледување на слични проекти па почнување со работа. Морам да признаам дека понекогаш инспирацијата не доаѓа веднаш и ми се потребни неколку денови за да се внесам во проектот. Но понекогаш, за среќа, ми оди многу побргу. Сè зависи од расположението.

4. Што научивте од грешките во полето на дизајнот?

Најголемите грешки ми биле во врска со клиентите, а не со работата што сум ја завршил. За жал, луѓето во Македонија не ја ценат толку оваа професија и мислат дека секој кој се „разбира“ од компјутери се разбира и од дизајн.

5. Како е да се соработува со клиентите во Македонија? Кој е вашиот пристап за создавање на база на задоволни клиенти?

Компромис е клучниот збор. Некогаш е многу тешко да им се објасни на клиентите нешто, кога тие имаат зацртано нешто друго. Ако клиентот сака овде да биде црвено или овде да нема сенка, а според мене тоа не е најдобро решение, тогаш се фокусирам на компромис, да се најдеме на средина каде што и клиентот ќе биде задоволен а и јас ќе бидам среќен со тоа што сум го сработил.

6. Кои дизајнери и креативни умови биле ваша најголема инспирација? Поточно од каде најчесто ги црпите идеите за започнување на нови проекти?

Најчесто се инспирирам од онлајн списанија за веб дизајн. На Feedly следам околу педесетина такви од кои црпам инспирација и ми помагаат да ги следам актуелните трендови. Еве дел од нив:

  • · css-tricks.com
  • · smashingmagazine.com
  • · netmagazine.com
  • · hongkiat.com
  • · speckyboy.com
  • · webdesignerdepot.com

Доколку некој ја сака целата листа може слободно да ме контактира на твитер: @delicon или на веб: www.delicon.mk

7.  На што сте најмногу горди на професионален план?

Тоа би било smartfood.mk, кој воедно е и мојот најнов проект. Станува збор за веб страница која нуди здрави и вкусни оброци и програми за балансиран начин на исхрана доставени таму каде што сте.

8. На каков проект работите во моментов?

Во моментов сум фокусиран на редизајн на еден мој проект – moirecepti.mk. Се работи за страница за рецепти која е многу активна и е попозната меѓу домаќинките и тазе готвачите. J

9. Дали е исплатливо да се работи како веб дизајнер?

Исплатливо е да, но со вистинските клиенти. Некои луѓе сметаат дека изработката на една веб страница се состои од ставање на една слика и две реченици. Па затоа истото треба да вреди околу 50 евра.

10. Што би им препорачиле на идните млади дизајнери?

Да бидат креативни, секогаш да ги следат трендовите, да бидат упорни и да не очекуваат дека преку ноќ ќе станат успешни веб дизајнери.

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови