Актуелно

Важноста на Бизнис Инкубаторите

Важноста на Бизнис Инкубаторите
 
Бизнис инкубаторите го поддржуваат развојот на новоформираните компании обезбедувајќи им совети и административни услуги за поддршка на нивните бизнис процеси. Според Меѓународната асоцијација за бизнис иновации, примарна цел на инкубаторот е да ‘’произведе’’ успешни и финансиски одржливи фирми кои можат да опстанат сами и кои би биле конкуренти на пазарот.
Постојат инкубатори кои се фокусираат само на технолошки компании или на комбинација од индустриски и услужни компании, но во последно време сме се повеќе сведоци на инкубатори кои работат со компании од повеќе различни индустрии.
Но, што е тоа што ги прави бизнис инкубаторите толку актуелни и речиси неопходни за многу стартап фирми ?
 
Финансиски менаџмент
Инкубаторите им помагаат на почетниците и младите претприемачи да заштедат на оперативните трошоци. Компаниите кои се дел од инкубаторот можат да ги делат истите капацитети и да ги делат режиските трошоци, како што се комуналните услуги, изнајмувањето канцелариска опрема, користење на заеднички простор за одмор, забава и слично. Инкубаторите, исто така, може да им помогнат на стартап фирмите со тоа што соодветно ќе им обезбедат менторска поддршка, ќе ги упатат до бизнис инвеститори и соработници кои финансиски би им помогнале.
 
Менаџмент поддршка
Покрај финансиската помош, на стартапите им се потребни и насоки за тоа како успешно да им парираат на етаблираните играчи во индустријата. Во рамките на голем број бизнис инкубатори ширум светот се практикуваат и предавања од страна на менаџмент експерти на различни актуелни теми со цел младите претприемачи да бидат во тек со најновите  стратегиски и менаџмент техники. Исто така, во многу бизнис инкубатори се приклучуваат и искусни претприемачи и менаџери, кои можат да обезбедат консултантски услуги, насоки за подобро управување и оперативна помош.
Соработка помеѓу различни стартапи 
Блиските работни односи помеѓу стартап претпријатијата на инкубаторот поттикнуваат да се создаде една здрава и продуктивна синергија помеѓу различни стартап фирми, сосема природно како дел од процесот на инкубација на бизнисите. Дури и кога некои стартап компании ќе го напуштат инкубаторот, контактите воспоставени токму на овој начин можат да траат навистина долго и да резултираат со одлична меѓусебна соработка. Претприемачите кои се дел од инкубаторот  често се охрабруваат еден со друг бидејќи предизвиците со кои се соочуваат секојдневно се релативно слични за сите кои се во почетоците на својата претприемачки кариера. Всушност, целта на бизнис инкубаторот е меѓусебна морална и професионална поддршка,  споделување на искуства за нови и поефикасни маркетинг кампањи, имплементирање на подобри менаџмент практики,  иницијативи за развој на производи и многу други активности кои би биле во насока на подобрување на квалитетот на услугите и производите кои се пласирани од страна на стартап бизнисите.
 
Улога на бизнис инкубаторите во економскиот развој
Помагајќи им на новите бизниси да напредуваат, инкубаторите помагаат и при создавањето на повеќе, но и на долготрајни работни места во склоп на нивните заедници. Како што созреваат, растат и се надградуваат стартап фирмите, тие создаваат нови и перспективни работни места за многу штотуку дипломирани студенти, искусни индивидуалци и freelance соработници. Токму овој факт е уште еден доказ за важноста на бизнис инкубаторите кои директно и индиректно влијаат кон подобрување на бизнис заедницата и нејзините можности, кои на подолг рок влијаат и на економскиот раст и развој.
 
Доколку сте млади претприемачи, основачи на стартап фирми или пак имате иновативни идеи и решенија за одредени проблеми, но немате храброст сами да влезете во стартап светот, бизнис инкубаторите се одлична можност за успешен развој и соодветно лансирање на вашите производи или услуги.
 

Галерија

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови