Презентирани првичните податоци од завршениот втор јавен повик за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации на ФИТР

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски ги презентираа првичните податоци во врска со доставените апликации од страна на компаниите на завршениот втор јавен повик за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации, кои се однесуваат на мерките од третиот столб на Планот за економски раст (ПЕР), за поддршка на микро, мали и средни компании.

Според Вицепремиерот Анѓушев, интересот на компаниите на вториот јавен повик е значително повисок во однос на повикот во 2018 година, со што се покажува дека микро, малите и средни компании ги препознаваат мерките како исклучителна можност за нивниот развој. Како споредба, во 2018 година, биле доставени апликации од 244 компании од кои се потпишале договори со 133 компании, додека на вториот јавен повик се имаат пријавено 487 апликации, што е двојно повеќе од лани.

Годинава, најголем дел од апликациите се од скопскиот регион и од 27 други места од целата земја. Во однос на секторите, пристигнати се апликации од 28 индустрии, најголем број од ИТ секторот, но меѓу останатите има и од земјоделие, здравство, маркетинг, машинска и прехранбена индустрија.

Во тек е административната проверка по што следи фазата пред-селекција која ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Проектите кои ќе добијат минимум 51 поени во просек преминуваат во втората фаза, во која Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, ќе ја донесе конечната одлука за финансирање на предлог проекти.

Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Годинава, за поддршка на ММСП, во буџетот се планирани околу 10,5 милиони евра.
 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови