Младите со поддршка на локалната библиотека „Гоце Делчев“ му дадоа нов урбан дух на Велес

Клубот на млади креативци при локалната библиотека „Гоце Делчев“ заедно со повеќе од 20 средношколци - волонтери реализираа практична работилница под отворено небо, за урбанизирање на неколку локации во Велес под насловот „Урбанизирај се!“.
 
Тимот на „Урбанизирај се!“ остави уметнички белег на четири локации во Велес преку креации кои обезбедија нов простор за забава на најмладите, како и едукативни содржини кои ќе влијаат на подигнување на свеста за стиловите на уметност, важноста на учењето преку игри и забава, важноста на пренесувањето на знаења од генерација на генерација, како и поттикнување на одговорноста за културата на градот.
Главната цел на овие активности е да се покаже дека локалната библиотека „Гоце Делчев“ со помош на младите и амбициозни средношколци од Велес, преку еден процес на ко-креирање и ко-дизајнирање можат да поттикнат позитивна промена во локалната заедница.
 
Во почетната фаза на овој проект, беа организирани две работилници на кои младите креираа концепти за разубавување на градот, во кои, главниот акцент беше ставен на едукативни содржини, како и достапноста на истите за сите граѓани без разлика на нивната возраст. Потоа, младите креативци излегоа на терен и заедно со Локалната самоуправа ги дефинираа најсоодветните локации за реализација на овој проект. Конечните концепти за разубавување и урбанизација се реализирани на следниве локации:
  • Градската библиотека „Гоце Делчев“,
  • Трговскиот центар,
  • Големиот градски парк и
  • Младинскиот парк.
Активностите се спроведуваат во рамки на програмата „БиблиоБум“ (www.bibliobum.mk). Оваа програма, која опфаќа повеќе локални библиотеки од државата, има цел да им помогне на библиотеките да креираат позитивни промени во локалните заедници. Библиотеките тоа го реализираат преку дизајнирање нови услуги и искористување на постоечките ресурси со цел нивна трансформација во центри на знаење, информации и креативни идеи.
 
Овој проект е поддржан од СмартАп - Лабораторија за социјални иновации и Американската Амбасада Скопје. Голема благодарност и до Жито Маркети кои помогнаа со обезбедување на материјали за реализација на овој проект.
Доколку сте заинтересирани за зачленување во Клубот на млади креативци и сакате да дознаете повеќе за следните активности, посетете ја локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес.
 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови