ФИТР и Македонска берза отвараат пристап до алтернативни можности за финансирање за македонски компании

Фондот за иновации и технолошки развој и „Македонска берза“ потпишаа меморандум за соработка, чија цел меѓу другото е на македонските компании да им се овозможи пристап до алтернативен извор за прибирање капитал. На присутните претставници на компании корисници на ФИТР им беа презентирани можности за пристап до глобална интернет платформа Фандербим (Funderbeam) – за финансирање и трговија која овозможува поврзување со 200.000 приватни компании и 17.000 инвеститори низ Европа. Република Северна Македонија, преку Македонска берза, е прва земја од регионот на Западен Балкан, која ќе има пристап до оваа интернет платформа за финансирање која функционира преку принципот на креирање кампањи за собирање средства, таканаречени – crowd funding.

Според Иван Штериев, извршен директор на „Македонска берза“, компанијата Funderbeam SЕЕ којашто е дел од една иновативна платформа за колективно финансирање на глобално ниво, македонските компании ќе добијат можност за полесно небанкарско финансирање во зависност од нивната иновативност и конкурентност, а домашните инвеститори ќе можат да вложуваат во домашни бизнис проекти каде ќе препознаат добар потенцијал, со што ќе изврши поефикасна алокација на домашните заштеди и во овој дел од економијата. Истовремено, Берзата ќе ги понуди и прошири своите услуги и за помалите македонски компании.

Оваа платформа овозможува пристап до инвеститори во 113 земји, а компаниите можат да се поврзат со глобалната инвеститорска сцена. Платформата таргетира седум региони – Велика Британија, Нордиските земји, Балтикот, Јужна и Источна Европа, Сингапур и Бразил. Платформата е така дизајнирана и функционира да им помогне на компаниите да спроведат кампањи за собирање инвестиции и капитал за брзо време. Истовремено ги намалува трошоците за партиципација на инвеститорите.

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови