„Никогаш немој да дозволиш да се слееш со тишината“ - Интервју со моднaта креаторка Олгица Ѓоргиева

Интервју со Олгица Ѓоргиева - генерален менаџер на Модното ателје „ГО Ѓоргиева Олгица“, а воедно и една од топ 10-те избрани жени менаџерки во Републиката за 2016 година. Претставува приказна која инспирира и е одличен позитивен пример за младата претприемачка популација во Р. Македонија.

Интервјуто го мапира врутокот на нејзината модна инспирација, мотивација, енергија и креација, поттикот за стилизирање што таа го носи во себе и кој се активира во секое време и во секоја ситуација.
 
Како започна Вашата модна приказна?
Мислам дека од секогаш постоеше како енергија, како идеја и како мисла, само што со тек на време јас се потрудив да и дадам форма. Никогаш немало дилема за тоа која ќе биде мојата животна професија, само со тек на време требаше да ја одберам најдобрата форма за мојата приказна и да се потрудам тоа што го поседувам внатре во себе да го извадам на виделина и да му дадам живот.

Дали талентот е само почеток на приказната или пак детерминирачки фактор за успех во оваа професија?
Не можам да го занемарам талентот, меѓутоа сам по себе не може да ја изгради целокупната слика. Талентот може да биде поттик за почеток, може да биде естетика, способност да се гледа малку подалеку, јаготка на шлагот ама сам по себе не е доволен за успех. Мора да се работи на него, да се развива и да се насочи во правец на реализација на комплетната слика.

Што е она кое Олгица Ѓоргиева ја издвојува од конкуренцијата?
Енергијата што ја носам околу себе, стилот на креирање, личниот печат, квалитетен производ, борец.

Материјал кој најблиску ја опишува вашата внатрешна природа?
Интересно прашање :) …ако ги земам во предвид карактеристиките на материјалите, веројатно би била некоја комбинација од повеќе типови на материјали...тешко ми е да се опишам преку еден материјал.

Што е потребно за едно дизајнерско дело да пробуди восхит во вас?
Да биде поразлично од пишаните или непишани правила. Во принцип сакам нетипични работи.

Во текот на дизајнерскиот процес, постои ли притисок на тема „Дали парчето ќе биде продадено?“ или спокојно се препуштате на уметничкиот творечки момент ?
Зависи во која ситуација...меѓутоа јас тоа не би го нарекла притисок, туку повеќе размислување за тоа како тоа парче да биде продадено. Јас изминатиов период во дел од мојата работа морав да направам компромис со мојот дизајнерски израз, зошто сепак ова е професија од која живеам и морав повеќе или помалку да направам компромис со моите клиенти, меѓутоа сепак низ целата моја работа тече енергија на Олгица Ѓоргиева. Во секоја моја колекција секогаш има неколку парчиња во кои комплетно сум се препуштила на уметничкиот момент.

Каде се може да се видат вашите дизајнерски парчиња?
Моето ателје се наоѓа во центарот на Скопје, во близина на Дом на градежници. Таму можат да се погледнат моите дизајнерски парчиња, а за кратко ќе им бидат достапни и онлајн на клиентите.

Верувате ли дека стилот на облекување  е предуслов за успех на деловно поле?
Сакаме да признаеме или не, стилот има многу битна улога во создавањето на првиот или воопшто впечатокот за луѓето. Човекот е визуелно суштество така да ,како ќе бидете окарактеризирани и доживеани многу зависи и од тоа како изгледате.

Модна формула за добар стил?
Минимализам, елеганција, добар пар чевли и чанти, мудро одбрани модни додатоци.

Кое е Вашетомото, кое Ви го придвижува светот околу Вас ?
“Никогаш немој да дозволиш да се слееш со тишината.”   
 
 
 

Галерија

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови