„Секогаш има простор повеќе да светиме и со нашата искра да предизвикаме оган на трансформација“

Со мисија да биде носител на промени во светот, Арс Луцида е македонска компанија која преку комбинација на методи, техники и вештини кои се нови, различни и невообичаени предизвикува подигнување на свесност, будност и промена кон подобро кај луѓето. Преку разновиден микс од дисциплини овозможува директно и многу брзо да се допре до сржта и длабочината на личноста, а на процесот на промена да му се даде поддршка и дополнителен подстрек. 
За предизвикот, промената и личниот развој, од компанијата рекоа: „Секогаш има простор повеќе да светиме и со нашата искра да предизвикаме оган на трансформација. Прашањето е на кој начин е најдобро тоа во дадениот момент да го направиме, а да не предизвикаме пожар.“

Уживајте во она што допрва следува за читање!

Интервју со Елена Антоновска Едизер - генерален менаџер на Арс Луцида.

Г-ѓа Едизер, избрана сте за една од топ 10-те жени менаџерки во Републиката за 2016 год. Споделете Ваши импресии поврзани со наградата.
За мене наградата е многу повеќе од едно признание во бизнисот. Таа е признание за сите оние кои во овие изминати години го обогатија мојот живот и мојата работа. Признание на различноста, индивидуалноста и оригиналноста. За тоа дека сѐ е возможно и дека секој од нас може да стигне до своето, кон она што природно му припаѓа.

Според Вас, кои клучни квалитети е потребно да ги поседува жената менаџер за успех во современото општество?
Сѐ почнува од себе, па најпрво би рекла дека човек треба добро да се познава себеси. Со сета своја светлина и сенка. Оттаму произлегува и одговорот на прашањето што сака и каде сака да биде. Не дека секогаш е тоа јасно, но идејата е да се започне патувањето кон една повисока цел. Да се постави мисија и визија и храбро да се зачекори напред.
Потребно е да се има срце, во срцето е сѐ што ќе нѐ подржи на тој пат. Упорност, посветеност, способност да се издигнувате секој пат кога ќе се сопнете или паднете, и пред сѐ многу љубов.



Кои техники за личен развој се предмет на едукација во Арс Луцида?
Во Арс Луцида живеат заедно навидум неспоиви нешта. Едукацијата може да биде од областа на енергетската медицина, медитација, духовност, личен развој во широка смисла на зборот и сл., а во исто време и во областа на комуникација, животен баланс, перспектива на животот, коучинг. You name it, we have it 😊. За секоја дисциплина подетално, читателите можат да се информираат на нашата интернет страница.
А од каде сето тоа? Оттаму што сите знаења потекнуваат од еден извор и имаат иста основа. Се разликуваат во начинот и пристапот, што овозможува секој да се најде во она што најмногу му одговара.

На што се базираат најсовремените методи кои Вие ги применувате за трансфер на овој тип на знаење?Генерално на искуствено учење. Ние, човечките битија ретко учиме на туѓото искуство 😊 Мора да поминеме низ некакво патешествие за да донесеме свои заклучоци. Ние се обидуваме да го избегнеме патешествието и низ едно различно искуство да им покажеме поинакви можности. Искуственото учење вклучува пракса, вежби, рефлексија и интроспекција, фидбек, дискусии и некаков тип на водство, низ кои клиентите не мораат да учат на принципот „trial and error“, туку фокусирано да се движат кон сопствената трансформација.



Со кои вештини може да се стекнат Вашите клиенти и на кој начин нивното усовршување може да доведе до самореализација на личноста?
Вештините се многубројни, почнувајќи од животни вештини како што се самосвест, самодоверба, внатрешен мир, постигнување на баланс, ослободување од стрес, подобрување на здравјето, флексибилност и емпатија и тн., до професионални вештини емоционална интелигенција, менаџирање на време, луѓе, конфликти, вербална и невербална комуникација, продажни вештини....
Во кој правец ќе тргнете зависи исклучиво од личноста. Најважното е да не застанете. Постојано да се усовршувате и да учите, за себе, а со тоа учите и за другите, а и за бизнисот. Тоа секогаш за резултат има самореализација, бидејќи со секоја нова вештина или сознание единствено што постигнуваме е да се доближиме до себеси, без оглед како тоа на прв поглед изгледа. Можеби првичната идеја е да се развивате во кариерата, но ултимативно сѐ што правиме е само и само заради сопствен развој и самореализација.

Паралелно одржувате обуки наменети за бизнис секторот.  Што вклучува оваа понуда?
Оваа понуда има многу компоненти. Вклучува едукација во областа на меки вештини (soft skills), коучинг и НЛП, ЦЕФЕ тренинзи, комбинации на личен и професионален развој и тренинзи направени за потребите на клиентите. Во таа листа се вклучени најмалку 30-тина тренинзи, а секако истата не е конечна.

На кој начин влогот во професионална едукација и развој на нови професионални вештини кај вработените може да влијае врз успешноста на компанијата?
Знаете, ние сме најпрво луѓе, а потоа сѐ останато. Ако не можеме да се разбереме како луѓе, да ко-егзистираме во мир и да си помагаме, не можеме ни да работиме заедно. Ние не сме изолирани единки, секогаш сме дел од некој систем, во кој спаѓа и компанијата и бизнисот. Ова има една поширока смисла. Системите функционираат ако и само ако единките функционираат во тим, како часовник. Секој запчаник има своја функција и свое место. Па така, секоја едукација од личен и професионален аспект овозможува часовникот да функционира, со развивање на самосвест и вештини на менаџирање на себе и другите, а и подобро познавање на потребите на вработените и компанијата, како и градење на лојалност и доверба во системот.



Од каде Вие ја црпите Вашата непресушна мотивација и инспирација за подршка на клиентите во нивната самореализација, промена и успех?
Од љубовта кон тоа што го работам и од љубовта кон луѓето. Немам доволно зборови да ви го опишам тоа. Кога ќе си ја пронајдете својата животна цел, ништо веќе не е толку важно, како нејзиното исполнување. Јас искрено сакам на секој човек да му биде најмалку добро, да се чувствува слободен и да биде свој. Верувам дека секој заслужува најдобро за себе, во сите аспекти од животот. Во тоа сме заедно.

Ваша животна афирмација:

Silence is gold. Listening is crucial. Observation is a tool. Knowledge is a result. Know thy self.

                                                
 
 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови