Летрас е Центар за странски јазици и преводи основан од искусни професори и преведувачи, кои се активни на полето на образованието и преведувачката дејност. Во текот на нивното осумгодишно постоење од Летрас имаат создадено училиште каде се спојуваат традиционалните вредности и методи со модерните образовни трендови, но и училиште на семејни вредности каде што успехот на учениците е и нивен успех.
1. Дали можете да сетите каков беше патот од идеја до реализација на „Летрас“ -центарот за странски јазици?
Патот беше интересен, по малку трнлив и полн со предизвици, но полн и со ентузијазам и онаа младешка верба, оптимизам и ведрина. Можеби на почетокот бевме само делумно свесни за тоа што нѐ очекува, но бевме подготвени да се жртвуваме, па дури и да работиме без соодветен финанскиски надомест. Секако, имавме голема поддршка од семејството и блиските во текот на целиот процес од основање на фирмата, пронаоѓање на соодветен деловен простор, негово опремување итн.
2. На кои јазици нудите изучување и што останато вклучува вашата понуда на услуги?
Нудиме курсеви за сите возрасти и за сите степени на познавање на јазикот (почетници и напредни) со различен интензитет, динамика и времетраење. Во последните три години сме фокусирани на курсеви по англиски и германски јазик, како најатрактивни за изучување, а и самото искуство ни докажа дека ако сакаме да бидеме најдобри во некоја област треба да се фокусираме и специјализираме на конкретно поле на интерес.
Секако, активни сме и на полето на преведувачката дејност, каде со помош на нашиот стручен кадар се стремиме да ѝ овозможиме на читателската публика квалитетни преводни дела и од областа на стручната литература, како и од белетристика. Со текот на годините успеавме во редот на наши соработници да вброиме познати издавачки куќи, како и успешни домашни и странски компании. За таа област, ќе напоменам уште и дека вршиме судски преводи од секаков вид.
3. Кои методи на комуницирање се практицираат помеѓу професорите и учениците?
Пред сѐ сакам да напоменам дека програмите по кои се реализира наставата тековно ги следат најдобрите изданија на водечките издавачки куќи релевантни за секој од странските јазици што се предава и дека наставата е насочена кон оние кои го учат јазикот, по најсовремени методи, во која нашите ученици се активни учесници, а не пасивни слушатели. Нашите професори се искусни, динамични, а часовите се интересни и интерактивни, а во согласност со новите трендови може да комуницирате со наставниците по e-mail, fb, viber, SMS и да добиете информација за часот што сте го пропуштиле, за домашни, дополнителни материјали итн.
4. Кој е вашиот пристап за создавањена база задоволни клиенти (ученици) и во што се разликувате од останатите центри за странски јазици?
Станавме единствени и препознатливи по тоа што кај нас владее домашна атмосфера, во која опуштено по долгиот работен ден или училишен ден ќе ви понудат чашка топол чај или кафе за подобра концетрација на часот. Успеавме во нашите цели да изградиме место каде што ќе се сретнуваат генерациите, а во текот на овие години стекнавме пријателства кои ќе траат за цел живот, запознавме луѓе кои можеби на друг начин не би ги сретнале, ја разбудивме љубовта кон странските јазици кај нашите најмлади слушатели, го сменивме ставот кон странските јазици кај нашите повозрасни ученици и на сите подеднакво им го доловивме шармот, убавината и уникатноста на сите тие земји и нивните жители и им овозможивме при следната посета да имаат целосно поинакво доживување, затоа што ќе знаат да комуницираат на јазикот кој се зборува во таа земја. Таа непосредна комуникација, грижа за нашите ученици, за нивните цели и потреби овозможи да создадеме база на задоволни клиенти, кои топло го препорачуваат Летрас на нивни познаници и пријатели како најдобар избор за изучување странски јазици.
5. На кои вештини особено внимавате при изборот на наставниот кадар?
Наставниот кадар е клучниот и незаменлив елемент за функционирањето на секое училиште, затоа со посебно внимание го прошируваме тимот со стручен и професионален кадар, кој добро ја познава својата работа. Но, освен тоа нашите професори се непосредни, динамични и пријатни луѓе, кои ја сакаат својата работа и внесуваат многу дух, ведрина и убава атмосфера на часовите, бидејќи умеењето и вештината на еден наставник не се гледа само во неговото знаење, туку во начинот на кој тој успева да го пренесе истото и на други луѓе и кај нив да го предизвика истиот ентузијазам и љубов кон јазикот, со кои тој самиот пристапува кон јазикот кој го предава.
6. Како успевате да се прилагодите на спецификите на секоја генерација ученици?
Нашата професија подразбира постојано усовршување, професионално надградување и доживотно учење. И ние учиме од нашите ученици, како што и тие учат од нас и секоја генерација е поинаква, не само во однос на образовниот процес, туку и во однос на индивидуалните карактеристики. Заради тоа е неоходно да ги следиме образовните трендови во светот, но истите да ги прилагодиме на потребите на нашите ученици, а тоа може да го сторат само искусни педагози, кои треба да знаат како да го почувствуваат пулсот на секоја нова генерација.
7. Долгогодишното постоење на претпријатието со себе носи успеси, ризици,падови, предизвици...Кои беа најголеми предизвици во опстојувањето на Летрас и на која деловна одлука сте особено горди?
Во времето кога почна да функционира Летрас, пазарот беше презаситен од училишта за странски јазици и секоја нова учебна година се отвораа нови училишта, кои за кратко време и се затвораа. Со многу пожртвуваност и упорност успеавме да се избориме со финансиските предизвици, со кои се соочувавме на почетокот и со многу лична жртва и љубов кон работата успеавме да создадеме училиште, кое можеби не е на прво место по бројноста на ученици, но веќе стана синоним за традиција и квалитетно јазично образование. А во однос на деловните одлуки, мислам дека клучна беше промената на локацијата во септември 2012, кога се вселивме во просториите на Борка Талеки, бр. 3 спроти Грчки Конзулат, во самото централно градско подрачје.
8. Што е тоа што секојдневно Вe мотивира да пренесувате знаења на Вашите ученици?
Можеби ќе звучи како клише, но јас можам во свое лично име да кажам дека сум една од оние среќни личности, кои одат со насмевка на лицето на работа и која апсолутно ужива во она што го работи. Кога ќе ги видам среќните лица на најмладите дека научиле некој нов збор или нивните љубопитни погледи пред да почнеме со некоја игра, или радоста кога пееме некоја песна, нивното неизмерно задоволство кога ќе постигнат успех на училиште после неколкучасовни борби со тешката граматика на германскиот јазик, си велам дека целта за тој ден е постигната. Уште еден движечки мотив е кога ќе видам дека кај моите повозрасни слушатели сум успеала да го разбудам интересот не само за јазикот, туку и за цел еден нов начин на живот, цивилизација, литература и историја и со тоа сум придонела не само за збогатување на општите познавања, туку и за мало менување на цел еден светоглед на веќе оформена личност.
9. Кои главни карактеристи треба да ги поседува еден претприемач за да дејствува во оваа област?
Упорност и истрајност, бидејќи ова не е бизнис во кој се гледаат инстант резултати, а и ова е една толку комплексна област која не може да се гледа само како бизнис. Освен тоа, оваа работа подразбира секојдневен контакт со луѓе, а со самото тоа бара и многу трпение, грижа и посветеност.
10. Ваша мотивирачка порака која би ги охрабрила младите луѓе да ја претворат својата бизнис идеја во реален потфат и да го остварат својот претприемачки сон?
Малите бизниси имаат многу предности, но бараат и многу храброст и креативност. Ако сте индивидуалци и креативци и не сакате да бидете дел од големи корпоративни машинерии, осмелете се, тоа е првиот чекор. Ако сакате сами да го креирате сопствениот начин на живот и работа и постојано да учите нови нешта, ако сакате динамика и секојдневни предизвици обидете се. Верувајте во својот производ или идеја!