„Нашата цел е придонес кон подобра бизнис клима во државата“ - Бојан Џиков, оперативен директор на Таргет Груп

Интервју со Бојан Џиков, управител и оперативен директор на „Таргет Груп“ ДОО Скопје
 
Таргет Груп е компанија која се занимава со прибирање, обработка и дистрибуција на информации за правните субјекти во Р. Македонија.
Со платформата БизнисМрежа.мк, компанијата стана пионер во областа на деловните информации и бонитетните извештаи кои се со висок квалитет. 
Со мисија да обезбедат пристап до високо квалитетни деловни информации и да им помогнат на своите клиенти да одржат стабилен степен на ризик, да остварат поголем профит како и да им помогнат при донесувањето на квалитетни деловни одлуки, тие посветено работат постојано, за да ги достават најпотребните информации во право време, со највисок квалитет и за најниска цена.
 
Како се роди оваа идеја за развој  на сосема  иновативен продукт на пазарот, кој што е од огромна корист за бизнис заедницата во Р. Македонија ?

Како  резултат на детална анализа на потребите и проблемите во бизнис секторот во Македонија, уште од првиот бизнис “brainstorming” кој го имавме пред речиси 5 години, утврдивме дека има голем недостаток на деловни информации, дека луѓето го базираат нивниот бизнис на непроверени и паушални информации.
Тоа беше основа за нас да започнеме да развиваме продукт кој ќе има за цел да ги собира сите релевантни информации на едно место и да ги направи достапни за бизнис заедницата. 

Кој беше главниот мотив за започнување на бизнисот?

Желбата за успех и формирањето на бренд кој ќе биде препознатлив на територијата на нашата држава беа главните причини зошто решивме да започнеме бизнис со ваква дејност.
Дополнително, Таргет Груп е компанија која е пионер во дејноста за деловни податоци што исто така претставува мотивација само по себе.

                                                      
 
За кого е наменета вашата бизнис платформа? Која е целната група?

БизнисМрежа.мк е платформа која е наменета за секаков вид на бизнис, без разлика на неговата големина, дејност или географска локација.
До сега имаме забележано дека најголеми придобивки од нашиот продукт, БизнисМрежа.мк имаат производителите, дистрибутерите и компаниите кои се занимаваат со трговија со правни лица.
Нашите продукти ги користат повеќе од 500 локални и странски компании од сите индустрии.
                                            
Какви услуги им нудите на клиентите?

На нашите клиенти им нудиме високо квалитетни деловни информации кои се структурирани во стандардизирана форма во неколку облици.
Најпрво, ја нудиме платформата БизнисМрежа.мк која е симболот на нашата компанија. Тоа е уникатна платформа која на клиентот му овозможува едноставен пристап до податоци за било која компанија во државата и тоа информации за: сопственици, управители, финансии, стечаи, ликвидации, поврзани лица, подружници, разни контактни информации, податоци за публикации од службен весник и многу други корисни информации кои можат да се прикажуваат во најразлични форми со цел корисникот да може да донесе квалитетна деловна одлука.
 
Понатаму, ги нудиме и бонитетните извештаи кои се изготвуваат со најсвежите податоци и прават подлабинска анализа на работењето на компаниите и со гордост можеме да кажеме дека во повеќе врвни компании се прифатени како стандардна процедура при започнување на соработка или редовна проверка на соработниците.
 
Останатиот дел од нашето работење покрива најразлични продукти и услуги кои покриваат податоци за компании од повеќе од 220 држави ширум светот.
 


Постојат ли слични конкурентски платформи во нашата држава кои нудат сродни услуги на оние кои што вие им ги нудите на клиентите?
 
Сега за сега не постојат платформи во нашата држава кои се слични или кои нудат нешто што е приближно блиску до она кое што ние им го овозможуваме на нашите клиенти.
И без притисокот од конкуренција, напорно работиме да ги задоволиме и најголемите очекувања на нашите клиенти и соработници, затоа што тоа е единствениот начин за континуиран раст и развој.
 
Платформата нуди алатки за пребарување на компании по најразлични критериуми, компаративна анализа на компаниите, анализатор на деловното портфолио, мониторинг на настанати промени, јасен преглед на директните и индиректните поврзаности на компаниите и многу други корисни алатки.

Кој е трошокот што треба клиентот  да го направи за да ги користи услугите кои ги нудите?

Трошоците кои произлегуваат од користењето на платформата БизнисМрежа.мк зависат од обемот на користење, но она што е најважно е што една навремена информација добиена преку платформата може да го заштити корисникот од загуба или да креира нови деловни потфати кои се со многу поголема вредност од вредноста за користење на нашата платформа.


 
Какви се искуствата на Вашите клиенти?

Во изминатите речиси 5 години имавме прилика да креираме блиски релации со многу компании од државата и странство и она што за нас е најважно е дека трудот што го вложуваме се исплати.
Повеќе од 85% од клиентите кои започнале соработка со нас истата ја продолжиле и до денес се наши клиенти, што за нас претставува особена чест и задоволство.

Кои беа најголеми предизвици за Вашата компанија од самиот почеток па до сега?

Најголемиот предизвик е дефинитивно градењето на однос со една конкретна државна институција која е извор на податоците кои ги користиме. Во време кога на сите страни се промовира транспарентност и олеснет пристап до податоци од јавен карактер, една клучна институција во Македонија се движи спротивно на сите локални и глобални трендови, притоа оневозможувајќи го развојот на оваа дејност.
Но, ние нема да застанеме, нашата цел е да придонесеме кон подобра бизнис клима во државата, да им помогнеме на локалните компании да се заштитат од корумпирани групи и индивидуалци и најважно од се да продолжиме да бидеме лидери во државата и да воведуваме нови и модерни трендови.

Дали може да идентификувате кои лични карактеристики најмногу ви помогнале во соочувањето со некои од предизвиците како дел од претприемачкото искуство?

Трпеливост и упорност се двете основни карактеристики кои мора да ги посетува секој оној кој ќе се реши да започне сопствен бизнис. Доколку не сте трпеливи и избрзате со некоја одлука истата може да ве чини многу скапо, додека од друга страна, ако не сте упорни може да се откажете непосредно пред трудот да стане исплатлив.

Кои се вашите идни планови за развој на компанијата?

Нашите планови првенствено се движат во насока на развивање на бизнисот во регионот па и пошироко.
Паралелно на тоа следат и неколку локални проекти кои засега ќе останат во тајност, но ветуваме многу новитети во блиска иднина.

Кој совет би им го дале на сите млади кои планираат да започнат сопствен бизнис?

На сите оние кои планираат да започнат сопствен бизнис би им препорачал да се запрашаат дали се спремни да жртвуваат еден дел од својот живот со цел останатиот дел од животот да живеат исполнети заради она што го постигнале. Ако одговорот е да, во тој случај се што е потребно е трпеливост и упорност и успехот е загарантиран.

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови