Интервју со софтверската компанија xSoft: Предизвиците ни се вистинска мотивација да ги поместиме сопствените граници

Интервју со Игор Крстев, основач и сопственик на софтверската компанија xSoft, чии канцеларии се наоѓаат во рамки на YES бизнис инкубаторот во Скопје. 

xSoft е софтверска компанија со повеќе од 10 години искуство во развој на веб-ориентирани софтверски решенија, како и софтвер развиен според потребите на клиентите. 
Воедно претставува и стратешки партнер на своите клиенти, коj ја води ИТ сферата од бизнисот и е постојано во чекор со најновите стандарди во ИТ-технологијата.
 
Вебстриан е веб сајт платформа креирана од xSoft  што овозможува да имате комплетно готов веб-сајт ЗА САМО 1 МИНУТА.



Годинава Вебстриан се закити со награда на манифестацијата „Сајт на годината 2016“ со освоено второ место во категоријата "ИТ и електроника" , очекувана ли беше наградата ? 

Втора година по ред сме номинирани, но прв пат освојуваме награда. Не очекувавме да нѐ повикаат на сцената на „Сајт на годината 2016“ и кога тоа се случи – навистина бевме изненадени, но и среќни. Ни претставува чест што јавноста, а веруваме и многу од нашите корисници, го номинираа и гласаа Вебстриан. Најверојатно тоа беше доволно стручното жири да го препознае потенцијалот на Вебстриан и да ни ја додели наградата. 
Во изминатите 2 години, колку што постои Вебстриан, направивме навистина голема промена на бизнис моделот и концептот во креирањето на веб-сајтови и бројот на наши корисници секојдневно расте. Најчесто новите корисници ни се по препорака од веќе постоечките, па тоа ни е доволен доказ дека се движиме во вистинската насока. Оваа награда е дополнителна мотивација да работиме уште повеќе и да ја оправдаме довербата која ни ја дадоа сите оние кои гласаа за  Вебстриан.


 
На што се темели вашиот успех? Кои се основните перформанси по кои оваа платформа се разликува од останатите?

Вебстриан е македонска платформа направена „од нула“. Кодот го развивавме повеќе од 3 години, а во изработката на кодот беше вклучен тим од врвни професионалци кои имаат долги години искуство во развојот на веб решенија.
Сето ова резултираше да создадеме решение каде брзината и стабилноста на веб-сајтовите креирани на Вебстриан се една од главните придобивки.
Кога го започнавме како проект имавме уште една цел – да биде разбирлив и лесен за користење уште од првиот ден. Целосно интуитивно корисниците сами да може да сфатат како да го користат. Го постигнавме тоа затоа што денес гледаме како по самата регистрација корисниците комплетно го уредуваат својот веб-сајт без да ни се јават ниту еднаш за да побараат помош или техничка поддршка.
На Вебстриан текстот се пишува едноставно како во Ворд-документ, сликите се додаваат исто како профил-фотографиите на социјалните мрежи, видеата се споделуваат со копирање на линк од Јутјуб. Распоредот на сите елементи може да се менува со едноставно повлекување и пуштање... Од основниот дизајн секој може да направи целосно нов дизајн по своја мерка, без при тоа да има какви било технички предзнаења.
Друга огромна предност е што целосно го забрзавме процесот на креирање на веб-сајтови во Македонија. Сега наместо да барате софтверска компанија која со месеци ќе го изработува веб-сајтот, може да се регистрирате на Вебстриан и за само 1 минута вашиот веб-сајт да биде видлив на интернет. За полесно уредување, на секој веб-сајт се поставени примери од текстови, слики и елементи кои ќе треба секој корисник да ги замени со свои. Најважно, секој веб-сајт на Вебстриан е оптимизиран за на мобилни и таблет-уреди, а затоа што е изграден по најновите SEO-правила тој секогаш ќе биде високо рангиран од Гугл и од останатите пребарувачи.
За крај,  една од многу важните придобивки е цената. Сега наместо бизнисите да плаќаат илјадници евра за модерен и професионален веб-сајт, тоа може да го добијат за месечна претплата од 650 денари. На оваа цена има дури и 20% попуст за годишно плаќање. Во неа е вклучен и хостингот, па ако проверите – ќе видите дека претплатата е незначително повисока од цената за хостинг што би ја платиле на друго место.
Ако се земе сѐ во предвид, навистина нема побрзо, полесно и поевтино решение во Македонија за професионален веб-сајт.

„Бесплатен веб-сајт за новите компании“ е програма за поддршка на нови бизниси. Програмата ја започнавте при крајот на 2016 година и е наменета за сите ново регистрирани компании во Централeн Регистер на Р. Македонија не подолго од 2 години. На што се должи оваа иницијатива?

 Ние никогаш не заборавивме со какви сѐ предизвици се соочувавме на почетокот од бизнисот, па затоа решивме да им помогнеме на сите оние кои започнуваат сега бизнис, онака како што ние можеме – со бесплатен веб-сајт во кој е вклучено и хостирањето, како и трошоците за користење и одржување во првата година.
Ако ги погледнете истражувањата за навиките на купување и користење на услуги, ќе видите дека околу 73% од купувачите прво ги пребаруваат онлајн производите и услугите што ги интересираат, а дури потоа одат да ги купат.
Оваа бројка е доказ дека навистина живееме во едно дигитално време.  Денес веб-сајтот е „лицето“ на една компанија, односно тоа е првото место каде потенцијалните клиенти или соработници се сретнуваат со бизнисите. Навистина е важно да се остави одличен прв впечаток и со оваа програма направивме тоа да е лесно за новите компании. Тие може да бидат вистински професионалци уште од првиот ден затоа што на Вебстриан ќе добијат модерен и професионален веб-сајт целосно бесплатно, кој веруваме дека ќе им помогне за поуспешен старт на бизнисот.
Ги покануваме сите заинтересирани да си направат бесплатен веб-сајт на webstrian.mk и да земат учество во програмата.

 Колку иновативните солуции во вашата професија влијаат врз успехот на бизнисот и животниот циклус на претпријатието?

Во овој бизнис навистина многу. Технологиите постојано се менуваат и мора да сте постојано во тек доколку сакате да останете релевантни на пазарот.
Покрај Вебстриан, којшто е наш производ, развиваме и софтвер за клиенти. Во моментов работиме на интересен проект за клиент од Њу Јорк, односно за прв пат користиме една нова технологија и со неа имплементираме решение кое претставува новитет во своето поле во глобални рамки. Клиентот беше мошне задоволен од првичните резултати, па во наредниот период ќе работиме на ова.
Дополнително, партнери сме со странска, технолошки напредна софтверска компанија, каде што заеднички развиваме токму cutting-edge решенија. Ваквите проекти ни се навистина голем предизвик и личен, но и професионален „тест“ каде сме и до каде може да стигнеме.

Според работниот план за оваа година, на кој новитет работите во моментот и што може да очекуваме наскоро од xSoft?

Вебстриан е наша секојдневна обврска, но и предизвик. Во моментов развиваме нови функционалности на барање на корисниците, а според работниот план оваа година треба да стартуваме и со третиот пакет, односно да пуштиме можност за e-commerce во веб-сајтовите од Вебстриан.
Паралелно, во тек ни се неколку други интересни проекти за клиенти од странство, но за нив би говореле кога ќе го видат „светлото на денот“.  Во оваа фаза не би можеле да ви кажеме повеќе, но се надеваме дека оваа година xSoft во своето портфолио ќе стави едно ново и иновативно решение, прво од таков вид во глобални рамки. Верувам дека ќе имаме нова причина за разговор наскоро.

Која е вашата движечка и мотивирачка сила за справување со предизвиците? Кое е вашето огледало на светлото на тунелот?

 Среќен сум што во нашата компанија постои став дека сѐ може да се направи, а ако сѐ уште не е направено – треба да ги „засукаме ракавите“. Мислата „Или ќе најдеме пат или ќе направиме нов“ е таа што нѐ води. Затоа и  предизвиците ни се вистинска мотивација да ги поместиме сопствените граници. Не да работиме повеќе, туку подобро, попаметно и поразлично од останатите.
Сакаме да бидеме горди на нашиот код, но никогаш не програмираме за нас. Секогаш на ум го имаме крајниот корисник. Како и колку тој код ќе му го олесни користењето на софтверот. Добро завршената работа и задоволните корисници се она што не движи напред.
 
Дел сте од YES бизнис инкубаторот веќе 7 години. Колку сте задоволни од услугите и поддршката што бизнис инкубаторот ви ја нуди?
 
На сите оние што планираат да започнат свој бизнис, како и на сите оние кои што веќе работат, искрено им го препорачувам YES бизнис инкубаторот. Ова е место каде што ќе најдат позитивна околина за развој на својот бизнис.
Услугите и поддршката што ќе ги добијат тука во голема мерка ќе им го олесни секојдневното работење, а тие ќе може целосно да се сконцентрираат на својот бизнис знаејќи дека за сите други работи се грижи YES инкубаторот. 
 
 
.
 
 

 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови