Набрзинка-Tip of the week

                        

Секојдневно сме атакувани со информации за нешто што може да се направи набрзина. Ослабете за 3 дена! Рамен стомак за 2 дена! Научи јазик за 7 дена!

Некако цел живот околу нас се сведува на тоа дека работите треба да се направат набрзина. Тука се и ситуациите на работа каде што од нас се очекуваат резултати за брзо време. Тие притисоци нè тераат да направиме и грешки, а последиците можат да бидат далекусежни. Едно е јасно, ако си дозволувате да правите некои работи набрзина тоа значи дека:

  • планирањето ви е слабо и треба да си го подобрите, 

  • менаџирањето во времето ви е проблематично.

Од друга страна, пак, имајќи предвид дека нема втора шанса за прв впечаток, вашето претставување во најдобро светло за многу кратко време може да ви донесе само невиден бенефит. Така е и со донесувањето одлуки во краток временски период.

Но, кога веќе ќе бидете ставени во ситуација дека ќе треба да направите нешто набрзина, тогаш направете максимум од ситуацијата. Затоа:

  • Фокус – бидете фокусирани на работата што треба да ја завршите или одлуката што треба да ја донесете. Фокусирајте се на сегашната ситуација во која сте и пробајте да го елиминирате минатото.

  • Анализа – направете анализа на ситуацијата во која се наоѓате. Пробајте да ги исклучите сите емоционални работи што можат да ви влијаат.

  • Црно/бела ситуација – знајте дека сте во таква ситуација и дека мора да донесете одлука која е или црна или бела. Значи немојте да се надевате дека имате опција за нешто помеѓу.

  • Дајте си време да размислите – доколку сте во можност, колку и да можете, дајте си време да размислите за ситуацијата во која се наоѓате, за последиците кои би можеле да ги имате од која било од работите што треба да  ги направите. 

  • Систем на исклучување – една по една работа или одлука којашто треба да ја донесете, едноставно оттргнувајте ја од вашата глава и мисли. Нека не ве заморуваат. Пробајте пред да донесете дефинитивна одлука, да бидете барем на максимум две одлуки.

  • Резултати – што и да е тоа што сакате да го направите, бидете свесни за резултатите што ги очекувате од тоа и дали тие се реални или се само ваша фантазија.

  • Емоции – пробајте да ги тргнете на страна емоциите во овие ситуации. Тие можат да ви донесат проблем во изведувањето на работите или донесувањето на одлуката. 

  • Импулсивност – немојте да бидете импулсивни во донесувањето на одлуките или извршувањето на задачите. Немојте да го губите трпението туку токму напротив, прифатете ја ситуацијата.

Што и да правите, најважно е да научите да не дозволувате да се ставате во ситуација некои работи да треба да ги правите набрзина. Тоа нека ви биде најважно мото, но немојте поради ова, да избегнувате такви ситуации.

Со успех во промените,
Калин Бабушку
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови