Ако сакате да бидете добар програмер, пишувајте многу код и често читајте код напишан од други. Бидете упорни бидејќи патот е долг, но ветува многу.

HASELT е компанија за развој на софтверски решенија со фокус на најновите и најиновативни технологии. Моментално со главно претставништво во Скопје, од неодамна преставништво во New York, US кадешто имаат тим кој се фокусира на проширување на бизнисот на американскиот пазар и партнери во Македонија, Естонија, Финска, Ирска, Англија и други држави.

Претприемач.мк ви го претставува интервјуто со м-р Хајан Селмани, извршен директор на HASELT.

1. Како започна приказната на HASELT?

Идејата за компанија постоеше од порано. Интересен момент беше тоа што компанијата започна да работи порано отколку што лично очекував. Некаде пред крајот на минатата 2012 година бев ангажиран на неколку прилично комплексни проекти како софтвер архитект и консултант, со цел да им помогнам на клиентите да ги извадат нивните продукти што порано на пазарот. Во соработка со други Microsoft MVP-а и експертизата која ја имаме секој во својата област, успеавме да постигнеме одлични резултати со што се создаде можност за формирање на развоен тим и соодветни услови за основање на компанија порано од предвиденото. Веќе Декември 2012 почнавме да кроиме планови околу HASELT, така крајот на Март 2013 HASELT влезе во централен регистер и започна со работа.

Зборот HASELT е акроним од Hyper Advanced Solutions Engineering with Leading Technologies. Нашата визија е во догледно време да создадеме основа за развивање на хипер- напредни интелегентни решенија и да создадеме простор за длабоки истражувања во полето на компјутерските технологии.

2. Какви услуги нуди Вашата компанија и кој пазар е ваш главен таргет?

Во овој момент воглавно најмногу се фокусираме на развој и инженеринг на комплексни софтверски решенија кои бараат подлабоко планирање, анализа и експертиза. Сепак, имаме повеќе видови на проекти, од наједноставни веб сајтови и мобилни апликации, па се до прилично сложени SaaS cloud- базирани решенија кои имаат голем број на корисници и доста сложена архитектура. 

Генерално, нудиме повеќе услуги во кои имаме соодветна експертиза, и тоа: Развој и Менаџирање на Софтверски Проекти, Бизнис анализа и Анализа на барања, Outsourcing, Консултантски услуги околу развој на покомплексни веб- базирани системи, Дизајн на кориснички интерфејс, Прототипи и креирање на MVP продукти, Хостирање и Одржување на продукти, Подршка на клиенти и слично. 

Сите услуги и се што правиме моментално се за странски пазар. Имаме проекти кои доаѓаат од повеќе географски региони започнувајќи од US, па до Естонија.

3. Кои се вашите најуспешни проекти и на каков проект работите во моментов?

Иако сме само 6 месеци на пазарот, можам да се пофалам со повеќе успешни проекти кои од почетокот на компанијата започнавме да ги работиме и сеуште траат. Моментално во соработка со стратешки партнер од Естонија, работиме на доста комплексно решение за Изнајмување на Електрични Автомобили. Целото решение има прилично сложена инфраструктура, а веќе работиме на тоа 4 месеци и соработката продолжува и понатаму. Работиме и на повеќе други доста интересни проекти од мобилни апликации, веб сајтови и Content Management системи, па се до решенија во областа на Business Intelligence во соработка со ORCABI од Ирска (каде што од неодамна сум назначен на позиција Раководител за Технологии).

Во моментов започнавме со работа на еден многу предизвикувачки и интересен програм во компанијата, кој содржи повеќе проекти во целина, а го нарековме "Project HyperArrow" (кодно име).

Се работи и на реализација на две доста интересни идеји како наши продукти, а веќе сме во финална фаза на преговори за превземање на целиот развој на две огромни решенија кои веќе функционираат онлајн, а се и доста познати на соодветниот пазар на којшто работат, едното решение е во областа на email маркетинг, додека другото во област на социјални мрежи и поврзување на бизнис ентитети. Повеќе информации ќе има многу наскоро штом завршат преговорите и официјално започнеме со работа! ;)

4. На што сте најмногу горди во Вашето досегашно работење?

Толку брзо поминаа овие први шест месеци што ми изгледа како да започнавме со работа баш вчера. Но, кога ќе погледнам наназад и фактот дека имаме веќе над дваесет успешни проекти (од кои дел се во соработка со блиски партнери), не прави сите нас горди на тоа дека поставениот KPI на почеток за првата година веќе го имаме надминато уште во овој момент. Тоа значи дека сме биле барем два пати поуспешни од тоа што сме очекувале.

Лично јас, најмногу сум горд на мојот тим и довербата која ја стекнавме меѓусебно за премногу кратко време. Горд сум и на тоа што HASELT веќе почнува да овозможува вработувања и со тоа полека полека да допринесува на нашиот пазар на труд и да ја реализира една од целите за којашто е создадена компанијата.

5. Како успевате да се справите со конкуренцијата?

Искуството во софтверската индустрија и местото кадешто се наоѓаме заедно со нашата експертиза доколку се спакуваат во добро смислен бизнис модел дава сериозна можност за успешно справување со конкуренцијата на странскиот пазар. Иако многумина мислат дека кај нас странците идат само поради ниска цена, сепак во последниве години докажавме дека ние и тоа како нудиме високо-квалитетни услуги, кои во повеќе ситуации се поквалитетни од конкурентните компании на странските пазари. Сепак, има пазари во овој сегмент од нашата индустрија кадешто без локално присуство скоро и да не е возможно да влезеш во игра. За таа цел креираме блиски стратешки соработници со кои создадовме цврсти бизнис модели на соработка и взаемно дејствуваме, секој во својата експертиза, што вродува со одлични можности. 

Од друга страна, компаниите од Македонија во овој момент не ги гледам како конкуренти бидејќи сметам дека може да бидеме добри партнери и заедно да го "нападнеме" глобалниот пазар. Така, во моментов нашите главни и стратешки партнери се и од Македонија и од странство при што 80% од проектите одат во соработка со нив, дел од тие проекти одат преку нив, дел одат преку нас, а тие ни помагаат во други сегменти на нивна специјализа како и локална комуникација со клиентите, средби, маркетинг итн.

Конкуренција верувам ќе се создаде уште повеќе во моментот кога ќе лансираме (а се очекува да биде многу наскоро) наш сопствен продукт на пазар бидејќи сигурно има или ќе има слични продукти направени од други софтверски компании... Да се натпреваруваш сам е прилично досадно, затоа гледаме многу позитивно на нашата идна конкуренција.

6. Како функционира тимот на HASELT? Кои се вашите очекувања од тимот?

Сеуште сме мал тим којшто може да се изброи на две раце, заради тоа функционираме премногу флексибилно и би рекол како едно. Главен клучен израз во тимот на HASELT е „Споделување на Знаење“ (Knowledge Sharing). Правиме постојано тренинзи, континуирано го споделуваме знаењето, а веќе сме во план во новите канцеларии (бидејќи во моментов се селиме на нова локација) да го интензивираме целиот тој процес уште повеќе.

Заеднички создаваме прилично интересен и гемифициран процес на работа, што мотивира многу повеќе, но исто така и наградува зависно придонесот на секој еден во тимот. Во моментов тоа што го очекувам од тимот и од идните вработени во HASELT е да бидат отворени, искрени, да функционираат како претприемачи и да се упорни во она што го прават. Бидејќи сме стартап компанија, секој вработен треба да придонесува како што знае и умее, во суштина тоа е она коешто ги разликува стартап компаниите од големите организации, секој вработен има огромен простор за докажување и секој вработен може да одлучува и влијае сериозно на иднината на компанијата бидејќи брилјантните идеи идат токму од нив.

7. Кои вештини на вработените се најважни за успех?

Способност за брзо и континуирано учење, лесно адаптирање на нови методи и технологии, ентузијазам за она што го прават и постојаност во нивната работа.

8. Партнери сте со светски познатата компанија Microsoft. Што всушност претставува ова партнерство?

Да. Уште во првите месеци станавме Microsoft BizSpark член и Член на Партнерската мрежа на Microsoft. Во суштина, Microsoft ја сметам за многу блиска компанија... како MVP, имав прилика да запознаам лично дел од лидерите на Microsoft.

Партнерството со Microsoft демонстрира експертиза на партнерските компании во полето во коешто работат. Секој Microsoft партнер треба да има вработено неколку Microsoft сертифицирани професионалци кои имаат веќе потврдено знаење за нивните технологии. Како дел од партнерството имаме пристап до 24 x 7 x 365 подршка од Microsoft за проектите што ги развиваме. Во догледно време со проширувањето на компанијата, очекуваме да станеме и Microsoft Gold Partner.

9. Воедно поседувате и MVP (Microsoft Most Valuable Professional) титула? Што претставува ова титула и како се стекнува?

Microsoft MVP (Most Valuable Professional) се смета за најпрестижна титула која што Microsoft ја доделува на експерти од целиот свет. За прв пат бев награден со Microsoft MVP во Јули 2011. Се смета за почесна титула и награда, а Microsoft ја доделува на технички лидери и експерти од цел свет кои несебично го споделуваат своето знаење со заедницата и со Microsoft... Постои процес на евалуација кој вклучува проверка на квалитет (пред се) и на квантитет за тоа што го работеле и правеле експертите со дадената Microsoft технологија во изминатата година. Наградата е посебно значајна бидејќи е доделена токму директно од тимот во Redmond, главното преставништво на Microsoft. Не се стекнува со тестирања, туку експертот треба да биде докажан веќе одредено време со конкретна технологија и соодветно да биде номиниран до Microsoft. Најчесто номинацијата ја прават други постоечки MVPa или вработени во Microsoft. До сега во мојата категорија (ASP.NET Web Development и IIS Web Server) има околу 250 MVPa од цел свет, во последниве 20 години откако постои MVP програмот.

Да се биде MVP значи многу... не само што се отвара еден цел нов свет на мрежа на контакти и експерти со кои можеш да го споделуваш знаењето, туку имаш и директна комуникација со Microsoft. Еднаш годишно сите MVPа се среќаваме во главното преставништво на Microsoft во Redmond, кадешто разменуваме мислења за тековните и идните технологии кои денес на многу начини влијаат на целокупниот развој на светот. Но, да не ги заборавам да ги спомнам преубавиот трофеј, MVP сертификати и други реквизити кои Microsoft ги испраќа до сите MVPа заедно со многу други бенефиции. Јас сум Microsoft MVP три години по ред: 2011, 2012 и 2013.

10. Кој совет би им го дале на сите оние што сакаат да работат во оваа индустрија?

Непобитен е фактот дека технологиите не само што доминираат во нашето секојдневие, туку ќе станат се поприсутни со компјутеризација на практично се околу нас. Тоа создава огромен потенцијал за нови умови да станат дел од оваа индустрија и да придонесат со свои иновативни идеји. Ако сакате да бидете добар програмер, пишувајте многу код и често читајте код напишан од други. Бидете упорни бидејќи патот е долг, но ветува многу.

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови