„Клучот за успех на едно софтверско решение е добрата комуникацијата со клиентите“

Среда, 29 Јануари 2014

- Интервју со Марјан Николовски и Сашо Михајлов од Socialspot

Неодамна беше пуштена новата бизнис социјална мрежа Socialspot, креација на младата компанија Emit Knowledge, кои се дел од YES бизнис инкубаторот. Тимот на компанијата го сочинуваат двајца млади ентузијасти, Марјан Николовски и Сашо Михајлов. Проследете го интервјуто на Pretrpiemac.mk и дознајте повеќе за идејата позади Socialspot и за нивното искуство како млади претприемачи во Македонија.

Како настана Emit knowledge?

Emit Knowledge настана како резултат на заедничката визија да создадеме компанија чија дејност ќе биде истражување и развој на продукти.

Првите обиди ги направивме со нашиот прв продукт Emit Knowledge чие име денес го носи и нашата компанија. Почнавме едноставно, без калкулации, со голем ентузијазам и сонот да создадеме поразлична иновативна компанија.

Во тој период работевме во други компании како софтверски инженери. Професионалниот ангажман не ни оставаше време за сериозно да се ангажираме околу првиот продукт. Тогаш ја научивме првата лекција.

Понесени од искуството и желбата да создаваме софтверски решенија, решивме да ги напуштиме работните места и отвориме сопствена компанија.

Денес може да се пофалиме со нашиот втор продукт, Socialspot, кој на 20ти овој месец го пуштивме во продажба.

Кој е тимот на Emit knowledge?

Основачи на Emit Knowledge се Марјан Николовски и Сашо Михајлов - Софтверски инженери со повеќегодишно искуство во развој на софтвер во приватниот сектор. Марјан  е сениор софтверски инженер, лидер на MKDOT.NET корисничка група и говорник на технички конференции. Професионално времето го посветува на градење софтверски решенија, бизнис процеси и анализа. Кога не програмира, слободното време го користи да биде со своите најблиски, со добра литература или со гитарата. Сашо е front-end софтверски инженер со повеќегодишно искуство во развој на софтвер за големи компании и GPS системи. Негова пасија е создавање на иновативни продукти кои го олеснуваат секојдневното функционирање на човекот. Професионално, неговата работа е да го претвори дизајнот во перфектно корисничко искуство.

Која е причината поради која се одлучивте да започнете свој бизнис?

Задоволството кое го најдовме во развој и истражувања на продукти, слободата да се создава и освојување на искуството се главните виновници за одлуката да ја креираме нашата иднина.

Неодамна го стартувавте вашиот производ Socialspot, нова друштвена мрежа наменета за бизнис. Како дојдовте до оваа идеја?

Искуството кое го носиме зад себе е тесно поврзано со работа во среди/големи компании. Компаниите сами по себе имаат некаква организациска структура и начин на процесно работење кое вклучува работа со различни тимови по дејност, задачи и геолокација.

Комуникација со таков професионален диверзитет е комплексен и не ретко протокот на информација и знаење е закочен. Со други зборови проблемите се сведуваат на прашањата:

  • - Дали го испрати email-от на колегата A?
  • - Каде можам да го најдам документот што екс колегата Б го работеше за клиентот Acme?
  • - Дали сите сте информирани за?
  • - До каде сме со работата?

Прилично познати прашања од секојдневното работење.

Штом го идентификувавме проблемот, решивме да понудиме наше решение на истиот. Од тука се роди идејата за Socialspot.

Што всушност претставува Socialspot?

Socialspot преставува алатка за комуникација и колаборација помеѓу вработените во рамките на една компанија. Вработените може да споделуваат содржина, известувања и прашања. Содржината која се споделува може да содржи документи, локации, видеа превземени од веќе популарните Dropbox, Skydrive, Box, Google Drive, Flickr, Picasa, Facebook, Instagram. Socialspot ја олеснува соработката помеѓу вработените и го чува интелектуалниот капитал, централизиран во рамките на компанијата.

Кои други услуги и производи може да ги понудите?

На страна од Socialspot, услугите кои ги нудиме како компанија се бизнис анализа, градење на прототипи, истражување и развој на продукти и тренинзи. Пред се, го нудиме начинот на кој што ние работиме. Како компанија ги водиме клиентите низ целиот работен процес. Проактивно учествуваме во brainstorming сесиите и во градење на барањата за развој.

Веруваме дека клучот за успех на едно софтверско решение е добрата комуникацијата со клиентите.

Кои се вашите клиенти, повеќе сте ориентирани кон странски или пак домашни компании?

Стратегијата на компанијата е ориентирана кон американските и  европските пазари. Секако не ја исклучуваме можноста за бизнис соработка и со нашите компании.

Со пуштање на Socialspot, официјално почнавме со промоција и понуда на нашиот продукт на странските компании. Задоволни сме од критиките кои ги добивме како одговор од потенцијалните клиенти.

Кои се проблемите со кои се соочувате како млади претприемачи?

Како млада компанија, повеќето недоумици и недостатоци ги третираме како предизвици за наш личен развој.

Секако прв на листата е недостатокот на искуство во продажба. Нашето професионално искуство е ориентирано околу изработка на продукти па предизвик ни е да создадеме искуство и од полето на продажба.

Идни планови за развој?

Работиме етапно на стабилизирање на бизнисот. Тековните приоритети се да се поставиме како иновативна компанија на пазарот и да имаме раст во продажбата. Идните планови се ширење на тимот и развој на нови продукти.

Каков совет би им дале на оние кои сакаат да започнат или да го прошират бизнисот на други пазари?

Не се плашете од неуспех. Знаејќи дека може да паднете долу ќе бидете повеќе мотивирани и ќе работите попаметно.

Што е она што недостига на македонскиот пазар?

Бизнис секторот секојдневно се придвижува. Сепак кога би имале можност да донесеме некаква промена, дефинитивно промените ќе се однесуваат на:

  • - Конкурентност – ќе се направи плодна почва за иновација;
  • - Инвестиции – ќе го забрзаат развојот и ширењето на младите бизниси;
  • - Искуство – менторирање на помладите бизниси и оперативна помош;
  • - Свест за бренд и себе промоција за да се етаблираат како професионални компании пред американските и европските пазари;

 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови