Македонија – Експорт е успешна македонска компанија, специјализирана во давање на услуги од областа на маркетингот и продажбата (извоз). Покрај партнерските производи, компанијата развива и сопствени брендови, како што е TIP OF THE WEEK – прирачникот за личен и професионален развој. Прочитајте го интервјуто со основачите и дознајте како дошле до идејата за ваква компанија, со какви предизвици се соочуваат на македонскиот пазар и кои совети тие им ги даваат на младите претприемачи.
1. Кои се Macedonia Export и како започна вашата приказна?
Приказната за Македонија-Експорт започна во 2006 година кога ние (Калин и Петар) решивме да ја основаме нашата фирма со која ќе може да работиме на брендирање на Македонија, т.е се она што вреди да се брендира и промовира од кај нас. Фирмата е специјализирана во давање на услуги од областа на маркетингот и продажбата (извоз). Моделот е уникатен и функционира по принципот на партнерство со Македонските извозници во развој на брендови и промоција на производите надвор од земјава. Покрај партнерски производи, ние работиме и на лансирање и на наши сопствени брендови. Досега, како наши најистакнати брендови, ги имаме лансираноМАМА’С - линија на традиционални домашни рецепти и “TIP OF THE WEEK” – прирачник за личен и професионален развој.
2. Како дојдовте до идејата за Macedonia Consalting и зошто токму ваков тип на бизнис?
Македонија-Експорт Консалтинг (2008) е нераздвоен дел од Македонија-Експорт, кој функционира како посебна профитна единица, и се фокусира на давање консултантски услуги на Македонските компании од аспект на: развој на бизнисот, развој на капацитетите на вработените, обуки за маркетинг, продажба и извоз.
Велиме дека е посебна единица бидејќи функционира засебно, но основната функција е едукација и развој на внатрешниот тим. Она што го сфативме од досегашното работење, е дека ако сакаме да сме пред другите и да се снајдеме во ова економско нестабилно време, мора постојано да инвестираме во континуирана едукација во себе и специјализаација во областите на работење.
3. Што ве прави различни од останатите консалтинг компании? На што се должи вашиот успех?
Она што ние го истакнуваме како наша предност и разлика во однос на другите, е фактот што ние ја комбинираме теоријата со праксата. Сето наше теоретско знење го испитуваме прво во нашето работење на терен, а и нашето практично знаење го преточуваме во теорија. На тој начин постигнуваме една целина, заокружен процес од аспект на услугите што ги нудиме.
4. Што ви беше најтешко на почетокот и како се снајдовте?
Најтешко што ни беше на почетокот, а и сеуште ни претставува проблем, е нивото на свесност на македонските компании за користење на консултантски услуги. Што се однесува до обуките што се нудат на пазарот за развој на „меките“ вештини, кај фирмите има развиено свесност и тие инвестираат во своите тимови. Иако и тоа сеуште не е развиено на некое високо ниво. Но, од аспект на користење на консултантски услуги од надворешни куќи, за развој на бизнисите, сеуште свесноста е на многу ниско ниво. На тој начин пазарот за таква услуга е многу мал, а и се обезвреднува вредноста на услугата. Кога некој не го разбира консултантството, и не знае да ја воочи и искористи употребната вредност, тогаш и помалку го цени знаењето и сака да плати за тоа. Кај нас сеуште знаењето не се цени колку што треба. Но, мора да кажеме дека пазарот се отвора и се повеќе компаниите се спремни да соработуваат со други надворешни соработници кои можат да им помогнат во развојот и водењето на своите бизниси.
5. Според вас кои се клучни фактори на кои треба да се внимава при остварување на продажба?
Продажбата не е книга од 300 страни која ќе ја прочитаме и од утре ќе станеме експерти за продажба. Продажбата е психологија. Најтешкото е тоа што вие и да ги познавате основните фактори и алатки на продажба, самото тоа што на другата страна имате различни карактери на луѓе, ја прави продажбата една од најтешките работни позиции. Тоа значи дека, една презентација на 100 клиенти, треба да се презентира на 100 различни начини. Прво мора да се научат основните правила на продажбата (преку посета на обуки, читање книги, советување со успешни продавачи, инвестирање во себе итн.), потоа тоа знаење да се „тестира“ во пракса, и тоа во континуитет и постојано да се менува, надополнува и адаптира.
6. Како еден од вашите актуелни проекти е „Tip of the Week“ ? Што точно претставува овој проект?
Тоа се практични и корисни неделни совети кои се наменети да им помогнат на читателите (менаџерите, вработените и секој поединец) полесно да се справат со секојдневните предизвици на работното место, но и во приватниот живот. Текстовите издвоени во првото издание на Прирачникот „Tip of the Week“, кој воедно е и прв Прирачник од ваков тип во Македонија, се селекција од првите напишани 50 совети кои се целосно авторски и се инспирирани од секојдневни ситуации во кои директно сме се нашле, сме ги слушнале од други или, пак, сме ги прочитале и искористиле во нашето работење, а сега сакаме да ги споделиме и со сите. Среќни сме што за само 3 месеци ги пробивме сите бројки во продажба на книги во Македонија. Повеќе од 100 компании го имаат купено прирачникот за своите вработени (4000 вработени).
7. Како го поминувате вашето слободно време?
Во уживање во благодетите што ги нуди животот J
8. За крај, каков совет би им дале на идните млади претприемачи?
Да не се плашат и да излезат од конфортната зона. Да ризикуваат. Без ризик нема шанси да успеат во реализација на своите идеи. И ако не им успее нивната идеја денес, да не се разочаруваат. Тие ќе развијат вештини и знаење што ќе биде над секој што никогаш не ни пробал да почне нешто сам. Тоа знење нема да си отиде, а може во иднина ќе им биде и пресудно за новата бизнис идеја успешно да се реализира во пракса.
Фотографија: Ивана Кузмановска