“Успех е да даваш се од себе и тогаш кога се е против тебе”

Коста Петров е автор, ТВ продуцент, експерт за односи со јавност, основач и извршен директор на Пи Ворлд, една од најинвентивните агенции за организирање на луксузни настани во светот. Тој е продуцент на најскапата македонска бизнис емисија „Агенти на промени“ и автор на македонските бестселери „Се гледаме на врвот“ и „Стравот“.

1.  Дали можете да ни кажете нешто повеќе за вас? Како Коста Петров стана автор, спикер, претприемач, успешен во секоја од овие работи?

Силно верувам во тоа дека универзумот има план за секој од нас. Повеќето од нас не го прифаќаат планот и за жал стануваат жртви. Голем дел од мојот живот го поминав како жртва, обвинувајќи ги другите за моите неуспеси и проблеми. Сето тоа се промени пред речиси 5 години кога светот кој макотрпно го градев исчезна. И тогаш во тие моменти на најголема слабост и депресија решив дека веќе нема да бидам жртва и дека ќе го прифатам планот на универзумот, без разлика што тој не се совпаѓаше со планот што јас го имав во мојата глава. Чудата во мојот живот почнаа да се случуваат тогаш кога почнав да преземам апсолутна одговорност за се што ми се случува во животот. Сфатив дека предизвиците се всушност најдобрите лекции и со учење и прифаќање на овие лекции почнав да си ги остварувам сопствените соништа. Благодарен сум за се што имам постигнато и знам дека можам многу повеќе.

2. "Се гледаме на врвот” е книга за сите оние кои веруваат дека во животот сите се создадени за големи нешта. Зошто ја напишавте оваа книга? Што е тоа што сакавте да го потенцирате преку оваа книга?

Првенствено верував во тоа дека книгата ја има основната цел да ги инсприра другите да веруваат во своите соништа, но во последната година ми се случија многу работи кои го променија моето мислење и сега некако ми изгледа дека универзумот сакал јас да ја напишам книгата за да еден ден кога предизвикот ќе тропне на моја врата се потсетам што се сум направил во животот и дека и тој предизвик ќе го надминам без проблем.

3. Во вашата книга „Стравот“, пишувате дека токму тој претставува нашиот најголем непријател? Зошто сметате дека е така?

Стравот е навистина комлексна тема, особено од моја гледна точка бидејќи поминав долг период од мојот живот справувајќи се со анксиозност. Ја изгубив контролата над мојот живот и станав една обична марионета на стравот. И се така додека не се погледнав во огледало и сфатив дека веќе не се препознавам. Се претворив во амеба. Доста ми беше од се. Време беше да ја преземам контролата врз мојот живот. тоа не значеше дека треба да водам битка со стравот туку да го трансформирам стравот во мојот живот и реално да ги согледам проблемите во мојот живот. Стравот е на крајот од денот само манифестација. За да го трансформирате стравот мора да дознаете од каде тој доаѓа и која е неговата фукнција во вашиот живот.  Сеуште работам на својата трансформација, но денес повеќе од било кога сум апсолутно сигурен во својот успех.

4. Кои се трите важни лекции кои може да ги научиме од овие две книги?

Најважно од се преземи одговорност за се што ти се случува во животот. Не знаете колку е убаво чувството кога проблемот го гледате како благослов а не како нешто од што треба да се плашите. Втора многу важна работа е да не им љубоморите на другите и еднаш засекогаш да сфатите дека и вие имате сé што ви е потребно за да успеете. И трудете се секојдневно да ги елиминирате предрасудите. Ако имате предрасуди во себе никогаш нема да имате мир во душа. А врвот е всушност мир во душата.

5. Кажете ни повеќе за P World. Што претставува P World и што е она што ја прави иновативна вашата компанија?

Пи Ворлд е резултат на мојата одлука да не бидам веќе жртва и да почнам на реализирање на своите најлуди соништа. Компанијата ја отворивме во ноември 2011-та година и за неполни 4 години органзииравме повеќе од 80 настани во 23 различни земји. Неверојатно е што можеш да постигнеш ако имаш апсолутна сигурност во својот успех. Полека правиме и диверзификација на бизнисот. Оваа година почнавме соработка со владата на Азербејџан, ја правевме ПР стратегијата за Мила Јовович, станавме екслузивен претставник на Економист во Азербејџан и ред други проекти. Уживам во мојата работа и горд сум што имам покрај себе луѓе кои веруваат во себе и својот талент и си ги исполнуваат и своите најлуди соништа.

6. Што за вас претставува успех?

Успех за мене е да даваш сé од себе и тогаш кога сé е против тебе. И најголем успех од сé е да имаш мир во душа. Нема ништо поубаво од тоа да си легнеш на крајот од денот со помисла дека си направил нешто големо и нешто што те исполнува.

7. Доколку имате можност да организирате настан, или бидете ПР за било кој клиент во светот, кој би го одбрале и зошто?

Во последните 10 години колку што сум во овој бизнис имам работено и на настани со 7000 делегати и на настани со 50 делегати. Сé што има да се направи во овој бизнис имам направено. Немам некоја неисполнета желба. Што се однесува за ПР делот, ете ни се исполни желбата да работиме и со холивудска звезда и тоа беше навистина супер искуство. Имаме искуство и во политчки кампањи така да добро котираме на многу полиња. Желба ми е бизнисот да се развива како што треба и луѓето кои работат во компаниајта да бидат среќни. За сé друго имам апсолутна сигурност дека ќе се исполни,

8. Доколку може да промените една работа во светот, што би била и како го направиле тоа?

Би ги елиминирал предрасудите и омразата и би ги заменил со љубов. Постои толку многу омраза на овој свет и тоа некогаш ме прави навистина тажен. Верувам дека сите ние го имаме клучот за промена на светот. А клучот е прво да се промениме себеси бидејќи се што гледаме е всушност одраз на сето она што е во нас.

9. Имате ли ваш херој?

Татко ми е мој апсолутен херој. Доаѓа од едно мало село близу Пробиштип. Работи од својата 14 година. Целиот живот го има ризикувано за јас и сестра ми да имаме сé што ќе посакаме и да си ги исполниме сопствените соништа. Без него, неговата љубов и посветеност ништо немаше да биде возможно.

10. Кој совет би им го дале на младите професионалци и идни претприемачи?

Знам дека звучи клише, но најголемите вистини се кријат во најголемите клишеа. Верувајте во себе и својот успех.  Ако решите да започнете сопствен бизнис размислите како тој може да го промени светот и сонувајте големи соништа. Тоа е најважно. Можеби некои луѓе ми се смееа кога им кажував дека ќе отворам глобален бизнис од Скопје, но денес за само четири години ние сме апсолутен лидер во нашата област во 20 и кусур земји, така да сé е возможно. И да, најважно од сé, уживајте во вашиот успех. Не се срамите од него. Споделете го со другите и бидете пример за тоа дека сé е возможно ако силно веруваш и работиш на тоа.

 

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови