Развивајте ги вашите иновативни идеи и никогаш не се откажувајте! Секогаш ќе се најде некој кој ќе инвестира во вас

На 16-ти мај 2014, во Белград, Србија, се одржа ИТ конференција и настан за презентирање на идеи пред инвеститори. На конференцијата стартап компаниите имаа можност да дознаат за најновите трендови во технологијата, претприемништвото и почетните инвестиции. Сесиите вклучуваа обуки, говори од разни спикери и експерти, како и настан за презентирање на идеи пред инвеститори.

На оваа конференција YES бизнис инкубаторот им овозможи учество на тимот од компанијата 4VIRTUS, кој со нас го споделија нивното искуство.

1. 4VIRTUS имаше можност да ја посети конференцијата "Fundraise IT conference" во Србија на 16-ти мај. Какво беше искуството за една македонска ИТ компанија таму?

Верувам дека секое учество на еден ваков настан е ново искуство. Запознавате нови луѓе, фирми кои се во истиот сектор или слични на вас, ги споделувате вашите искуства, слушате туѓи, се стекнувате со некоја нова и корисна информација, едноставно кажано, најдобро место каде би можеле да процените како и до каде вие напредувате во она што го работите. Со самото тоа што се работи за меѓународна конференција на која имаше интересни странски и домашни спикери, самото присуство таму, верувам ќе допринесе за понатамошниот развој на нашите проекти на кои работиме, а верувам и за самиот развој на фирмата.

2. Кој дел од конференцијата навистина вредеше да се посети? Интересни ли беа спикерите?

Речиси се беше интересно. Конференцијата се одвиваше во три етапи, во времетраење од 2 часа. Би можел да кажам дека во мала предност беа странските спикери кои преку интересни, релативно кратки и јасни презентации го делеа нивното искуство и начинот на кој тие станале успешни денес. Кога меѓу презентерите го имате Vitaly Golomb (Silicon Valley), руски емигрант кој почнал како дизајнер на 13 години, а подоцна станал основач на Keen Systems,  денес извршен продуцент на Startup AddVenture (водечка годишна Start Up конференција во Централна и Источна Европа) или Oliver Holle кој во 1997 година ја основа SYSIS компанијата која инвестира во развој на интерактивни игри и мобилни апликации, се речиси гаранција дека присуствувате на презентација од која можат да се извлечат интересни и поучни нешта.  

За разлика од странските спикери, предавањата на нашите северни соседи (Србија) беа можеби помалку интересни за нас, бидејки нивниот акцент беше ставен на состојбата и развојот на стартап компаниите во нивниот регион, но од друга страна доволно за споредба со развојот на овој сектор во нашата држава.

3. Што друго можеше да се види, искуси на конференцијата? Дали имаше добро вмрежување и соработка со другите учесници? Научивте ли нешто ново?

Убаво е кога ќе слушнете како се наметнува една заедничка порака: "Развивајте ги вашите иновантни идеи и никогаш не се откажувајте од тоа. Секогаш ќе се најде некој кој ќе инвестира во вас". Тоа беше јасната порака на сите изложувачи. Соработката, вмрежувањето и дружењето, воглавно се случуваше на кратките паузи, но сосема доволни за да запознаете некој од презентерите или посетителите, да го споделите искуството и размените вашите контакти. И покрај тоа што времето беше кратко, никогаш не се знае, можеби токму тие неколку минути ќе ви ги отворат вратите понатаму.    

4. На што е посветен 4virtus во овој период? Има ли нешто ново на полето на мобилните технологии?

Во моментов работиме на неколку проекти од областа на веб и мобилни технологии. Во подготовка сме на нов проект кој наскоро би станал реалност и истито веќе е подржан од европскиот Акцелератор - European Alliance for Innovation. Се надеваме ќе слушате уште убави вести од нас.

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови