ITooLabs во Македонија - уникатна ИТ платформа која ги освојува европските пазари

Интервју со интернационалниот претприемач г-дин Андреј Гавриков од Русија, претставник на ITooLabs, чии канцеларии се наоѓаат во рамки на YES инкубатор во Скопје.


Кои се ITooLabs и како започна вашата приказна?

ItooLabs е руска компанија. Ние се занимаваме со развивање на бизнис виртуелни канцеларии. Компанијата е создадена пред неколку години во Тула, Русија. Тула е мал град кој се наоѓа на приближно 200 км од Москва. Работиме на создавање на виртуелни канцеларии кои им овозможуваат на корисниците да се приклучат на телефонскиот систем на компанијата од било кое место, односно секаде каде што има интернет, да се јавуваат и примаат телефонски повици, да ги чуваат фајловите во заеднички директориум, да си испраќаат пораки едни на други во заеднички разговори. Тоа е одличен систем за оние компании што имаат многу соработници или канцеларии во разни градови или земји. Канцеларијата на програмерите се наоѓа во Тула. Во Македонија отворивме посебна канцеларија за да ја прилагодиме нашата платформа за пазарот во Македонија и Источна Европа и да се појавиме на локалните пазари.

Што ви беше најтешко на почетокот на бизнисот и како се снајдовте околу тоа?

Најголема тешкотија беше да се направи производ што ќе им биде интересен на клиентите. Пазарот на виртуелните АТС (автоматска телефонска станица) рапидно се шири и за да се биде најдобар треба да се понудат уникатни решенија. Долго размислувавме што можеме да измислиме, т.е. нешто што конкуренцијата го нема. И, најпосле најдовме решение: ќе развиеме платформа што ќе можат да ја купат и крајните корисници и телекомуникациските оператори за да ги продаваат услугите од виртуелната АТС на своите клиенти. Тоа е всушност како „две во едно“. На тој начин покриваме голем дел од пазарот.

Вие сте преприемач кој доаѓа од РусијаКоја беше Вашата мотивација за започнување бизнис во Македонија?

Прва причина за започнување бизнис е тоа дека гледаме голем потенцијал на пазарите на Источна Европа – многу бизнисмени овде работат со странски компании, многу луѓе комуницираат во рамките на целиот регион. Токму поради овие услови донесовме одлука за започнување на бизнис. Македонија е географски одлично лоцирана и е многу логично да отвориме канцеларија овде. Втората причина е дека Македонија како држава се карактеризира со едноставни услови за отварање на претставништва на странска фирма, има едноставен и разбирлив систем за водење бизнис, а секако тука е и помошта од страна на владата. Трета причина е дружељубивоста на македонскиот народ, убавата природа, глетката со пауните што живеат веднаш до нашата канцеларија...

Кога имам повеќе време за одмор, многу патувам низ земјата и се воодушевувам на преубавата природа. Тоа помага поефикасно да се работи.

За кого се наменети Вашите бизнис решенија? Која е целната група?

Нашите решенија се наменети за два пазари: првиот пазар е B2B (крајните корисници) и вториот - телекомуникациските оператори кои сакаат да им понудат нови услуги на своите клиенти. Ние ја нудиме нашата платформа бесплатно на телекомуникациските оператори, а тие ни плаќаат процент за секој приклучен клиент.  Го прилагодуваме интерфејсот на платформата според стилот на операторот, додаваме нивно лого (т.н. модел „white label“). Операторот не троши ниту денар за пуштање на новата уникална услуга и ja продава како свој бренд. Нудиме целосна техничка поддршка и помош при започнувањето со работа. Сето ова е бесплатно. За започнување со бизнис исто така нудиме виртуелна канцеларија со наш бренд. Ако на пример, имате компанија во која работат голем број вработени и ако имате неколку канцеларии на различни локации, и сакате да ги обедините сите канцеларии во една телефонска мрежа со заеднички броеви или да поврзете телефонски броеви од други земји, или пак да вклучите гласовни пораки и виртуелен факс, тогаш дефинитивно вие треба да бидете наш клиент. Не купувате скапa опрема како што е АТС, а го користите нашето виртуелно решение. Ние овозможуваме целосна поддршка и воедно претставуваме сервис на нашата платформа. Вие едноставно ја користите.

Од кој дел од светот доаѓаат најголем дел од Вашите клиенти?

До неодамна работевме само во Русија и ги продававме нашите производи само таму. Најголемиот број на клиенти се од Русија. Сега се надеваме да излеземе на пазарот на Источна Европа.

Дали конкуренцијата е голема и како се справувате со конкурентите на светско ниво?

Пазарот на виртуелни АТС се шири брзо во светот и конкуренцијата е многу голема, но ние се обидуваме да бидеме различни од другите конкуренти и тоа примарно со бизнис моделот. Јас веќе споменав дека ние им ја нудиме платформата на нашите партнери бесплатно, а тие ни плаќаат процент за секој приклучен клиент. Тоа е еден многу интересен бизнис модел и многу малку компании го нудат. Ние не им ја продаваме платформата на нашите партнери, туку ние предлагаме да правиме бизнис заедно и се грижиме за сите потешкотии при започнувањето со работа на новата услуга.

Дали имате планови за нови производи и услуги во иднина? Што ве прави различни од останатите ИТ компании?

Да, имаме планови. Сега нашето решение е наменето за сегментот на B2B, но работиме и на решението за приватни корисници. Се надеваме дека ќе ја пуштиме во употреба новата услуга за интернет-телефонија за приватни корисници, лица кои ќе можат да ја користат интернет - комуникацијата во секојдневниот живот (на пример јавувања во целиот свет), а не само за работа.

Дали можете да ни кажете нешто повеќе за Вашето лично претприемачко искуство, некој од најголемите предизвици со кои некогаш сте се соочиле во Вашата работа? На што се должи вашиот успех?

Прва потешкотија беше да се направи производ што навистина им е потребен на луѓето. Многу претприемачи прават грешка, размислувајќи дека доколку производот  ним им се допаѓа, треба да им се допадне и на сите други исто така. Секогаш треба да се гледа производот со очите на корисникот, а не со очи на претприемач. Не е толку лесно да се научи како да се прави тоа.

Кога штотуку започнувате бизнис и никој не знае за вас, тогаш треба да изнаоѓате неконвенционални патишта за луѓето да дознаат за вас. Јас ги искористив социјалните мрежи како Facebook, Linkedin за да ги направам првите продажби.

Директно испраќав комерцијални понуди на раководители на компании, бидејќи токму тие се заинтересирани за развој на својот бизнис. Многу често, водечките лица во компаниите одлично реагираа на моите понуди затоа што знаеја дека тоа е добра идеја и дека нудам корисен производ. За моите понуди беа заинтересирани дури и директори на најголеми компании во Русија, ним им беше интересен овој нов производ и тие ги испраќаа своите вработени да се сретнат со мене. Ваквиот начин е бесплатен и претставува ефективен метод да се најдат првите клиенти. Доколку имате добар производ тој ќе почне самиот да се продава.

На кој начин вашата матична земја, Русија, ги стимулира и поддржува претприемачите?

Во Русија постојат неколку државни фондови што ги поддржуваат младите претприемачи.  Најпознат е „Сколково“. Тоа е мал научен град во близина на Москва. Доколку имате интересен бизнис кој може да биде од полза за економијата за државата, тогаш можете да аплицирате и вашата апликација ќе биде разгледана. Ако пак победите на конкурсот, тогаш државата ќе ви даде средства за развој на бизнисот, како и канцеларија, консултанти и вие ќе можете брзо да го развивате својот бизнис. Во „Сколково“ не работат само IT претприемачи, тука има најразлични видови на бизниси, најразлични нови идеи. На пример, бизниси поврзани со екологијата или со производство на нови видови горива.

Исто така постои и претседателски фонд за поддршка на IT-бизнисот. Станува збор за  фондот „ФРИИ“ кој работи под личен надзор на рускиот претседател Владимир Путин. Претставува престиж да се биде дел од овој фонд, бидејќи така целата земја ќе дознае за вас и вашата работа, и секако дека ќе имате поддршка од многу државни институции. Во ваквите случаи државата добива удел во вашата компанија, на пример од 7 до 10 %.

Во Русија исто така има многу приватни инвестициски фондови кои инвестираат пари во перспективни бизниси. Но, тука веќе станува збор за приватен бизнис, чија цел е да се заработи, а не само да се помогне, додека од своја страна државните програми се тука само за да им помогнат на претприемачите.

Како претприемач на глобалниот пазар, што мислите за македонската бизнис култура и бизнис заедница? Дали лесно воспоставувате контакти со клиенти и/или соработници на македонскиот пазар?

Македонија е многу пријателска земја, луѓето лесно комуницираат меѓусебе и се заинтересирани за сè што е ново. Забележувам колку популарни се новите технологии кај вас, и колку македонските претприемачи сакаат да развиваат свои бизниси. Луѓето ми помагаа секогаш кога ми беше потребна помош. На почетокот ми беше тешко, речиси никого не познавав овде, а сега имам многу пријатели кои се секогаш подготвени да помогнат. За помалку од една година, јас ги воспоставив потребните контакти и тоа навистина ми претставува задоволство. Македонскиот пазар не изгледа уморно и презаситено. Забележувам дека постојат многу можности за да се направи успешен бизнис и сметам дека ќе имам можност за реализација на нови проекти во Македонија.

За крај, каков совет би им дале на младите професионалци и идни претприемачи од Македонија кои сакаат да успеат на глобалниот пазар?

Ако веќе имате некоја идеја и верувате во неа, тогаш не треба да се плашите да започнете свој бизнис, дури и ако оваа идеја е веќе претходно реализирана од некого. Во бизнисот не е важно да се биде прв, во бизнисот е важно да се биде успешен. Наједноставен начин е да се истражат веќе постоечките бизниси, односно таму каде што веќе се заработува и е сосема е јасно дека идејата функционира. Во таков случај треба само да се подобри производот за да се биде поквалитетен од конкуренцијата.

Ако пак имате нова идеја која претходно не била реализирана, тогаш задолжително веднаш почнете да размислувате што ќе направите за да има побарувачка за вашиот производ. Понекогаш, дури и најпионерските идеи не биле реализирани до крај, бидејќи претприемачите не размислувале дека на корисниците ќе им биде тешко да ги разберат сите придобивки од нивните изуми. Ова е многу важно да се разбере на самиот почеток, односно на кој начин вие можете да ги донесете до клиентите токму тие придобивки.

И за крај, сакам да кажам дека не треба да се размислува дека не постојат услови за отпочнување со бизнис. Победува оној кој оди напред и верува во својот успех. И, се разбира ќе ми биде драго да му помогнам на секој претприемач во Македонија, кој ќе сака да воспостави контакти со колегите во Русија. Повелете посетете не во YES инкубатор, кој се наоѓа во Автокоманда, на улица „16-та Македонска Бригада“ 13Б Скопје.

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови