Интервју со Мобидониа: Македонски стартап меѓу топ 20 креатори на мобилни апликации во светот!

Претприемач Ви го пренесува интервјуто со Даниел Димов, менаџер и сопственик на Мобидониа, чии канцеларии се наоѓаат во ПСМ бизнис инкубаторот, во Скопје.
 

 

Мобидониа (http://mobidonia.com/) е онлајн креатор на iPhone, iPad и Android мобилни апликации. Станува збор за „направи сам“ систем којшто е лесен за користење и не бара технички познавања. Процесот на генерирање на апликацијата е целосно автоматизиран и мобилната апликација е креирана за помалку од час. Постојат многу предности во користењето на Мобидониа, а најважно е тоа што не е потребно ангажирање на програмер, апликацијата можете да ја направите во многу краток период, додека тимот зад Мобидониа се грижи за целиот процес од прикачување и одржување на истата.

Кои се Мобидониа и како започна вашата приказна?

- Мобидониа е склоп од еден програмер и еден графички дизајнер коишто веќе подолго време работат заедно во областа за развој на мобилни апликации. Оттука се јави потребата да го генерализираме и автоматизираме процесот на развој на мобилни апликации. Така дојдовме до идеата за една платформа во кој секој брзо лесно и без технички познавања може да изработи мобилна апликација.

Која беше вашата мотивација за започнување на бизнисот?

- Главна мотивација нѝ е што го работиме тоа што го сакаме и самото тоа што побарувачката за мобилни апликации е сѐ поголема па сметаме дека ќе развиваме успешен и профитабилен бизнис.

Што ви беше најтешко на почетокот на бизнисот и како се снајдовте околу тоа?

- Како и во сите стартапи најтешко е да се дојде до финансии и да се одржи претпријатието. Тоа го решивме така што покрај тоа што работевме на Мобидониа работевме и на апликации наменети за клиенти.

За кого се наменети вашите бизнис решенија? Која е целната група?

- Преку Мобидониа може да се изработат најразлични типови на апликации наменети за ноќни клубови, ресторани, електронски продавници, блогови, портали, радио и ТВ станици, едукативни апликации... во глобала, широк спектар на бизниси. Целната група воглавно се мали и средни компании коишто сакаат за брзо време да креираат мобилна апликација за својот бизнис, притоа немаат средства за ангажирање на кадри коишто можат да ја изработат таквата апликација. Од друга страна, преку нашиот препродавачки пакет ги таргетираме маркетинг агенциите коишто имаат добри бизнис контакти сѐ со цел за заедничка придобивка.

Од кој дел од светот доаѓаат најголем дел од вашите клиенти?

- Имаме клиенти од САД, Германија, Шпанија, Панама, Мексико, Колумбија, Швајцарија, Индија, меѓутоа најголем интерес имаме од САД.

Дали конкуренцијата е голема и како се справувате со конкурентите на светско ниво? Што ве прави различни?

- Во светски рамки има околу 100 слични креатори на мобилни апликации и може да се каже дека Мобидониа спаѓа во топ 20. Карактеристично е тоа што сите се фокусираат на одредена област, а за нас таа област се мобилните електронски продавници. Креираме едни од најдобрите апликации за shopify. На тој начин ја намулуваме конкуренцијата и се трудиме да станиме лидер во одредена област.

Дали може да идентификувате кои лични карактеристики најмногу ви помогнале восоочувањето со некои од предизвиците како дел од претприемачкото искуство?

- Главна особина ми е упорноста при решавањето проблеми.

Каков совет би им дале на младите професионалци и идни претприемачи од Македонија кои сакаат да успеат на глобалниот пазар?

Би им сугерирал да инвестираат во својата едукација и унапредување, да не се плашат да преземат ризик и да веруваат во своите способности. Активно да размислуваат за решавање на проблеми и да соработуваат со другари или колеги од различни научни области, како би ги комплетирале своите знаења во еден успешен производ или услуга.

КАТЕГОРИИ

Популарни тагови