Љубовта кон правдата и праведноста е нејзин сон и основен мотив кој ја води низ животот, како при упис на Правниот факултет во Скопје, така и при донесување на одлуката професионално да се занимава со адвокатура. Можноста да учествува на бизнис план натпреварот организиран во рамки на проектот „Интегрирање на етничките малцинства на пазарот на трудот преку поттикнување на нивниот потенцијал за вработување“ финансиран од Европската унија, силно  ја поттикнува во нејзе желбата за започнување со сопствен бизнис и реализација на нејзиниот сон за самостојно водење на адвокатска канцеларија.

 Во продолжение следува интервјуто со Алрександра Богданоски - една од петте добитници на награди од бизнис план натпреварот.
 
  • Колку време пред натпреварот се формираше идејата во вас и тлееше жарот да започнете сопствен бизнис?
Идејата и желбата за водење сопствен бизнис во мене егзистираше уште од студентските денови, поточно уште со самото мое запишување на Правниот факултет во Скопје. Сонував и посакував еден ден  да поседувам своја адвокатска канцеларија. А дотогаш  не се штедев себе си и  вложував неуморно во стручно знаење и личен развој.
 
  • Во колкава мера ви помогна наградата од бизнис план натпреварот да го стартувате вашиот претприемачки сон?
Нескромно ќе кажам дека наградата од бизнис план натпреварот беше од решавачко значење за реализација на мојот сон. Бескрајно сум благодарна! Битно е дека еден дел од мојот сон се оствари, го работам она што го сакам, сопственик сум на адвокатска канцеларија, а сето тоа благодарение на финансиските средства добиени на натпреварот за најдобар бизнис план. Понатаму, продолжувам да го следам својот сон постепено искачувајќи се по скалилата на успехот предводена од моите адути: знаење, напорна работа, адаптибилност и среќа.
 
  • Колку сте задоволни од менторството на ПСМ Фондација во текот на стартувањето на бизнисот?
Презадоволна сум од менторството на ПСМ Фондација. Со нивната одлична бизнис поддршка заеднички го поставивме темелот на бизнисот. Беспрекорни комуникатори, кои несебично ми пренесоа голем број бизнис совети и консултантска помош во областа на претприемништвото. Смело и сигурно ме воведоа во бизнис светот и навистина сум благодарна за тоа. 
 
  • Која е мисијата на Адвокатска канцеларија Александра Богданоски, и на кој начин ќе стимулира развој на општеството во кое твори?
Мисијата на Адвокатската канцеларија Александра Богданоски е да обезбеди високо квалитетна, стручна и навремена правна помош на своите клиенти, односно да обезбеди правна помош која одговара на потребите на клиентите, и да им помогне да излезат од лавиринтот на правни патишта и можности со цел да го изберат најповолното правно решение за себе.
 
  • Кои услуги ги нуди вашиот бизнис? 
Нудиме правна помош во повеќе области на правото започнувајќи од консултации и совети за работа на трговските друштва, нивна регистрација - основање на трговски друштва, вршење на сите промени во трговските друштва  од корпоративна природа, застапување на физички и правни лица пред судовите на РМ, застапување во областа на надомест на штета, длабинска правна анализа, застапување во работни спорови итн.
 
  • За кого се наменети вашите услуги? Која е целната група?
Услугите се наменети за сите домашни и странски физички и правни лица кои што имаат потреба од секоја правна помош.
 
  • Што е тоа што денес го знаете, а би сакале да го знаете кога го стартувавте бизнисот? 
Во моментот не би издвоила нешто конкретно. Во овој бизнис влегов добро подготвена и спремна. Имав повеќегодишно  работно искуство во адвокатски канцеларии, така што отприлика знаев што можам да очекувам и во позитивна и во негативна смисла. 
                                          
  • Кои се вашите идни планови за раст на бизнисот?
Работа, работа и само работа, се останато ќе си дојде на свое место во свое време. 
 
  • Кои главни карактеристики кои треба да ги поседува жената претприемач за да дејствува во оваа професија
Стручност, компетентност, храброст и секако љубов и жар кон она што го работи и создава. 
 
  • Ваша мотивирачка порака која би ги охрабрила младите луѓе да ја претворат својата бизнис идеја во реален потфат и да го остварат својот претприемачки сон? 
Работете неуморно на вашите соништа! Ако доволно го сакате и следите својот сон, еден ден истиот сигурно ќе се оствари.