Стоматологијата како медицинска наука и практична вештина што се занимава со превентива и лекување на болестите на устата, забите и ткивата на лицето комплетно ја освојува уште во првата студиска година на факултет.
Со добивањето на титулата за  доктор по стоматологија во нејзиното срце се раѓаат безброј желби и цели поврзани со оваа професија.
 И покрај тоа што отсекогаш била бујна во визиите во исто време е и конкретна во приоритетите и целите. По неколку години работа во оваа дејност, по стекнатата лиценца за работа како и по положениот стручен државен испит, нечујно и  спонтано во нејзе се раѓа желбата да основа сопствен бизнис. 

Со силна волја за успех во животот и свое професионално остварување, наскоро таа ја започнува својата борба за потрага по финансиска поддршка и ментортво за реализација на својата цел. 
Во повикот за бизнис план натпревар организиран во рамки на проектот „Интегрирање на етничките малцинства на пазарот на трудот преку поттикнување на нивниот потенцијал за вработување“ финансиран од Европската унија, ја препознава својата животна шанса. Со добивањето на една од петте награди за започнување на бизнис Семра Мурат ја основа својата стоматолошка ординација. 
Денес таа вели дека се чувствува максимално исполнета и реализирана личност, затоа што отсекогаш била  вљубена во својата професија,  а денес е лидер кој постојано твори во неа.
  • Семра, дали верувавте дека токму вие ќе бидете добитничка на една од 5-те награди за започнување бизнис?
Единствено знам дека со цело срце ја сакав наградата. Длабоко во мене верував но сепак не очекував... Свесна бев за фактот дека постојат многу млади и амбициозни луѓе, кои би сакале да се остварат себеси на професионален план, преку користење на овој тип финансиска поддршка.
 
  • Колку години имавте искуство во областа пред да учествувате на бизнис план натпреварот? Направете паралела помеѓу тоа што значи да се биде вработен во избраната професија наспроти тоа да бидете претприемач во истата.
Во областа на стоматологијата веќе имам стекнато повеќе од 4 години искуство. Во однос на улогите како вработена и како жена претприемач можам да кажам дека и двете имаат свои позитивни и негативни страни. Сепак да се биде жена претприемач е огромна одговорност. Во оваа улога во исто време си креатор, иновативец и менаџер на работата што ја извршуваш.
  • Еден од најголемите проблеми со кои се соочува секој храбар млад претприемач е наоѓањето средства за стартни инвестиции за започнување на бизнисот. Во колкава мера ви помогна наградата од бизнис план натпреварот да го стартувате вашиот претприемачки сон?
 Да, финансиите се секако еден голем проблем и голема пречка за многу млади и креативни луѓе во остварувањето на своите соништа. Без потребните финансии и покрај големата желба, се паѓа во вода, и остануваме заглавени работејќи за други, во услови кои не ни се допаѓаат, работејќи ја работата која не ни носи задоволство.
Наградата ми помогна многу, покривајќи голем  дел од предвидените трошоци потребни за опремување на стоматолошката ординација.

 
  • Колку сте задоволни од менторството на ПСМ Фондација во текот на стартувањето на бизнисот?
Од менторството сум презадоволна, голема благодарност до целиот тим на ПСМ Фондација, секогаш ведри, насмеани, спретни, полни со знаење и приемчивост. Од ПСМ Фондација добив беспрекорна бизнис поддршка, одлични  консултанстски услуги, бизнис совети, материјали за претприемништво, посредство за многу деловни услуги, воспоставување на нови контакти и  промоција на бизнисот.
  • Со оглед на тоа дека во с.Визбегово претходно немаше вршење на ваква дејност, какви се реакциите на жителите?
Реакциите се одлични! Уште во првиот месец  луѓето покажаа голем интерес и верувам дека како што одминува периодот, бројот на пациентите ќе се зголемува пропорционално.
 
  • Клучни квалитети кои е потребно да ги поседува жената претприемач за да оствари успех во светот на бизнисот?
Не е лесно да се биде жена претприемач, за тоа е потребна голема пожртвуваност... Да се биде и сопруга и мајка, а во исто време да се водат и домашните и работните обврски и да се остане подеднакво посветен на сите страни е доста тешко. Сепак благодарејки на моите родители а посебно на мојата мајка, јас успевам да најдам време и за моите пациенти и за мојата фамилија и пријатели.
Секоја жена претприемач најпрво треба да верува во себе, во своите квалитети, да биде многу упорна и истрајна и секако да ги следи сите актуелности и последни трендови во областа што ја извршува, и да научи тоа да го презентира на најдобар можен начин.


 
  • Мисла со која би ги охрабриле младите луѓе за реализација на нивните бизнис идеи?
Никагаш не можете да знаете колку вредите, доколку не се обидете! И никогаш не сте доволно спремни и силни за отпочнување на сопстен бизнис...Следете ги вашите соништа, бидејќи нема поубаво чувство од тоа да се будите наутро и да одите на работа насмеан и расположен, работејќи ја работата што ја сакате и што ве исполнува.