Пет млади лица освоија награди за започнување на сопствен бизнис како резултат на отворениот Јавен повик за избор на најдобри бизнис планови и започнување на бизнис во рамки на проектот „Интегрирање на етничките малцинства на пазарот на трудот, преку поттикнување на нивниот потенцијал за вработување“ финансиран од Европската унија, а имплементиран од партнерските организации ПСМ Фондација, ЗИП Институт, РОЖМ „ДАЈА“ и Футуре 21.

Ведат  Џафери е еден од среќните добитници!
Потекнува и живее во село сместено во подножјето на планината Китка и рамничарскиот дел на Скопското Поле. Го сака своето село -  Студеничани. Тука е израснат, тука е неговата фамилија и тука се гледа себе си. Нема соништа за Њујорк и Лос Анџелес но, отсекогаш имал желба да биде успешен претприемач кој  прави разлика во општеството во кое живее, со цел да го подобри квалитетот на сопствениот живот и квалитетот на живот на своите сограѓани.

 
  • Избран сте за еден од 5-те добитници на награди на бизнис план натпреварот. Споделете ги вашите импресии поврзани со наградата.
Денот кога ме известија дека сум еден од 5-те добитници на наградата, бев пресреќен и ќе го паметам засекогаш во мојот живот како ден на реализирање на мојот претприемачки сон!
 
  • Како дознавте за повикот и колку време ви беше потребно да го комплетирате бизнис планот?
За јавниот повик за избор на најдобри бизнис планови и за започнување на бизнис во рамки на проектот “Интегрирање на етничките малцинства во пазарот на трудот преку поттикнување на нивниот потенцијал за вработување” финансиран од Европската Унија,  дознав преку социјалните мрежи, иако претходно бев дел од останати активности на проектот како на пример „Обуката за почнување на бизнис“ реализирана во просториите на Фондација за Претприемачки сервис за млади.
За комплетирање на финалниот бизнис план ми беше потребно релативно кратко време, со оглед на тоа дека веќе подолг временски период ја имав бизнис идејата во глава.
  
  • Колку време пред натпреварот се формираше идејата во вас и тлееше жарот да започнете сопствен бизнис?
Во првите студентски години од животот, дење одев на факултет, а ноќе буден читав бизнис литература. Следниот ден го живеев со уште поголема енергија. Сакав бизнис! Чувствував дека моето место е на претприемачката  сцена. Идејата да започнам конкретно со овој тип на бизнис се роди пред се, затоа што имав претходно работно искуство во книжарници и бев сведок на потребите на младата и средновечна популацијата за вадење на фотокопии од своите книги и документи, од тековно информирање преку дневните весници и неделните/месечните магазини, како и потреба за купување на разновидни играчки и подароци за секаква пригода. 
Со оглед на тоа дека овој тип на бизнис не постои во с.Студеничани, јас решив да креирам бизнис-план за основање на книжарница – фотокопир во селото и на жителите на с.Студеничани да им понудам  високо квалитетни производи/ услуги по прифатливи цени. 
  • Еден од најголемите проблеми со кои се соочува секој храбар млад претприемач е наоѓањето средства за стартни инвестиции за започнување на бизнисот. Во колкава мера ви помогна наградата од бизнис план натпреварот да го стартувате вашиот претприемачки сон?
Целосно се согласувам дека наоѓањето на средства за почнување на еден бизнис во голем број на случаи, е најголемиот проблем со кој се соочуваат младите лица кои имаат свои бизнис идеи во Македонија.
Во мојот случај, наградата беше од клучна важност за стартување на бизнисот и  реализација на мојот претприемачки сон.   

 
  • Колку сте задоволни од менторството на ПСМ Фондација во текот на формирањето на претпријатието?
Бескрајно сум задоволен од ПСМ Фондација, со оглед на тоа дека имаат долги години искуство во бизнис поддршка на стартапи. Од првиот ден, до денес ми пружат огромна помош во сите фази за стартување и успешно водење на бизнисот.
 
  • Основањето на „X-TRADE“ е прво основано претпријатие од оваа дејност во с. Студеничани. На кој начин „ X-TRADE“ ќе стимулира развој на околината во која твори?
Ориентирано кон корисниците, X-TRADE цели да претставува претпријатие со социјална одговорност и притоа ќе им послужи на граѓаните од овој крај, да го зголемат своето ниво на образование и информираност, пред се преку понудените книги и литература за читање.
Затоа и во самиот деловен простор постојат специјални полици за книги во форма на зборот LEXO (читај) со цел да се истакне важноста од читање литература, како основен услов за личен раст и развој на човекот.
  • Кои производи/услуги ги нуди вашата компанија?
Производите и услугите на компанијата се состојат од: еднострано и двострано, зумирано или намалено фотокопирање во црно-бела и колор варијанта на секаква литература и документи; продажба на училишен и канцелариски материјал (тетратки, блокови, моливи, пенкала, фломастери, регистратори и др.); продажба на книги, весници и списанија (пред се дневни весници на албански и македонски јазик); продажба на играчки, подароци и различни акцесоари.
 
  • Колку овој тип на услуги им се потребни на жителите на с. Студеничани и дали постои интерес од нивна страна?
Книжарница-фотокопир “X-TRADE” е нешто ново и поинакво на пазарот во Студеничани! Потребата за нејзиното постоење е огледало на потребите на жителите од овој крај за овој тип на производи и услуги. Благодарение на конкурентните цени и квалитетот на услугите, од започнувањето со работа па до денес постои огромен интерес, а особено од учениците.  
 
  • Споделете една највредна претприемачка лекција која ја научивте од основањето до денес?
Во моментот не би можел да издвојам една претприемачка лекција, затоа што станува збор за соодветен микс од повеќе елементи: избор на локација, солидни продажни вештини, следење на трендот на нови производи и услуги како и употреба на голема креативност.
 
  • Ваша движечка сила за успех во бизнисот?
 “Најголем ризик е ништо да не ризикуваш”.
 
  • Мисла со која би ги охрабриле младите луѓе да започнат свој бизнис?
На младите им препорачувам да не чекаат стабилна државна работа во време на промени, туку самите да ги креираат своите работни места и да бидат носители на промените во приватниот сектор во Македонија.
И најважно, да бидат истрајни и да не се откажуваат!